
Жестока дебата меѓу демократските кандидати
Водечките прогресивни кандидати за освојување на номинацијата на демократската партија, сенаторите Берни Сандерс и Елизабет Ворен, жестоко се судрија со своите ривали од естаблишментот на демократите, во текот на првата од двете дебати кои се одржуваат во Детрои а ги пренесува CNN.
Нападите против Сандерс и Ворен започнаа веднаш на почетокот на дебатата и беа фокусирани на програмата Медикер за Сите, која сенаторот од Вермонт, Сандерс ја застапува и се однесува на конечно гарантирање на здравствена заштита на сите граѓани на САД.
Кандидатите од таканаречените поумерени демократи, чии кампањи се директно поддржани од осигурителните компании кои заработуваат милијарди долари секоја година од продавањето здравствени услуги, тврдеа дека програмата на Сандерс која ја поддржува и Сенаторката Ворен, е повеќе фантазија отколку реална платформа.
„Мислам дека Демократите победуваат кога зборуваме за реални решенија а не невозможни ветувања. Кога нудиме работи кои се остварливи а не економски бајки“, вели кандидатот Џон Делејни.
„Знаете, не разбирам зошто некој се нафаќа за оваа тешка работа да се кандидира за Претседател на Соединетите држави, само да зборува за тоа што навистина не можеме да го направиме или не треба да се бориме за тоа. Не ми е јасно“, вели сенаторката Елизабет Ворен.
Сенаторот Сандерс, кој во претходниот изборен циклус за освојување на номинацијата на Демократската партија и се спротистави и на Хилари Клинтон, се соочува со редовни дисквалификации од конкурентите затоа што се декларира како демократски социјалист и бара реструктурирање на американското општество, кое според него функционира единствено во интерес на малата група милијардери.
„Помалку сум веќе уморен од Демократите кои се плашат од големи идеи. Републиканците на се плашат од големи идеи. Тие можеа да им дадат даночни олеснувања во износ од трилион долари на милијардерите и на профитабилните корпорации. Тие и ги спасуваа криминалците на Вол Стрит“, вели Сандерс.
Најголеми овации од присутните во салата во Детроит доби одговорот на Сандерс на една од критиките дека неговиот предлог ќе остави милиони луѓе без осигурување а неговата реплика стана вистински хит на социјалните мрежи.
„Две работи: осигурувањето ќе биде подобро, затоа што „Медикер за сите” e сеопфатно, ги вклучува сите здравствени потреби. За возрасните граѓани, конечно ќе вклучува и стоматолошка заштита, апарати за слушање и очила. –Не го знаеш тоа. –Како второ. –Не го знаеш тоа, Берни. – Го знам тоа, па јас го напишав проклетиот закон“, рече Сандерс.
Втората дебата на кандидатите за номинацијата на Демократската партија ќе се одржи вечерва, каде ќе настапи и главниот фаворит, поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден.
Никола Илиевски