
Зеленски инаугуриран за Претседател – веднаш го распушти Парламентот вонредни парламентарни избори
Актерот-комичар Володимир Зеленски, кој денеска беше инаугуриран како нов Претседател на Украина, објави дека во државата наскоро ќе се одржат вонредни парламентарни избори.
Овие избори требаше да се одржат во Октомври годинава, но по објавата на новиот Украински претседател, тие сега може да се закажат и во текот на летото.
Одлуката на Зеленски е целосно разбирлива,земајќи предвид дека иако тој
убедливо победи на изборите со освоени 73% од гласовите, во законодавниот дом на Украина – врховната Рада, во моментов парламентарното мнозинство се уште го поддржува претходниот шеф на државата, Петро Порошенко.
Партијата на Зеленски “Слуга на народот”, именувана по популарното тв шоу во кое тој глумеше професор по историја кој по игра на случајот станува Претседател на Украина,според сите анкети е најпопуларна во државата, но во моментов нема ниту еден пратеник.
Во својот прв говор , Зеленски најави и дека прекинувањето на борбите со руските сепаратисти во источните региони ќе биде негов главен приоритет.
Точно е дека не ја почнавме војната, но ние сме тие кои мора да ја завршиме, подвлече Зеленски, додавајќи дека за постигнување на мирот, тој е подготвен да ја изгуби популарноста и претседателската функција.
Во согласност со своја неортодоксна политичка платформа и настап, тој не ја пропушти можноста да ја потенцира широката поддршка која во моментов ја ужива.
Драги Украинци, по мојата изборна победа, мојот 6-годишен син ми рече: „Тато, видов дека на ТВ рекоа дека Зеленски е Претседател. Тоа значи дека и јас сум Претседател, исто така?“. Тоа можеби звучеше како детска шега. Но, со тек на времето сфатив дека ова е вистината: секој од нас е Претседател, рече Зеленски.
Прекинувајќи со традицијата, Зеленски на инаугурацијата не пристигна на вообичаен начин со поворка возила, туку пеш. Како рок ѕвезда, им отпоздравуваше на присутните поддржувачи од двете страни на оградениот простор. Тие со овации реагираа на секоja негова невообичаена постапка, атипична за политичкиот живот во државата, како скокањето да се поздрави со некои од присутните, бакнежите за дел од нив и секако неизбежното сликање селфија.
Никола Илиевски