Зелените партии со убедливи резултати на изборите во Западна Европа викендов

Конзервативците го изгубија апсолутното мнозинство, а левоориентираната партија на Зелените доби поголема моќ во една од најконзервативните германски покраини Баварија.

Само третпат во повоената историја, христијанско-социјалната ЦСУ која е доминантна политичка партија во јужната германска покраина ќе ја дели моќта. Ова е голем удар за партијата која е коалициски партнер на Ангела Меркел.

ЦСУ освои 37% од гласовите, наспроти речиси 18% на Зелените. Тоа е за 12% помалку гласови од минатите избори. Поради тоа, ќе им биде потребна коалиција за да продолжат да владеат со најголемата германска покраина.

Катарина Шулц, копретседателка на баварските еколози изборниот резултат го нарече историски. Иако прогнозите во Баварија беа дека изгубените гласови на ЦСУ ќе завршат на сметка на екстремната десница АФД, оваа партија доби само 11% од гласовите, завршувајќи четврта, зад листата на независни кандидати.

Германската зелена партија е во подем речиси секаде во големите германски градови.

Викендов се одржаа избори и во други западноевропски земји. Парламентарни избори во Луксембург, како и локални избори во Белгија.

И таму впечатливо е тоа што партиите на Зелените добија најмногу поддршка од народот.

Според експертите, „Зелениот бран“ кој ја зафаќа Европа не е случаен. Временските услови, наглите климатски промени, загадувањето – се само дел од причините зошто Зелените добиваат се повеќе доверба кај гласачите.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ