Здружението на свештеници на Грција ќе учествува на протестот во Атина

Здружението на свештеници на Грција, по одржан состанок, одлучи да учествуваат на протестот во Атина за „одбрана на името Македонија“, кусо пред вонредниот состанок на Светиот Синод на ГПЦ.

Во исто време поглаварот на грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, уште еднаш ја повтори позицијата дека ГПЦ е против терминот Македонија во името, и се запраша, јави дописникот на МИА од Атина, дали е можно да се промени „Уставот на Скопје“.

– Не отстапуваме од ставот за името и изведените зборови што ја отстапуваат Македонија, но ова е лесно. Тешкото е: може ли да се смени Уставот на Скопје што говори за поробени луѓе, градови и за многу други работи? Затоа треба да бидеме подготвени, ако сакаме да разговараме за ова прашање, да се соочиме со тешки ситуации, рече синоќа Јеронимос, само неколку часа пред новиот состанок на Светиот синод на ГПЦ, закажан за денес, на кој се очекува да биде разгледано прашањето за името, односно текот на преговорите и закажаниот протест за 4 февруари во Атина.

Наспроти препораките на архиепископот и одлуката на Светиот синод, кусо пред протестот во Солун, свештените лица да не учествуваат на собирот, Здружението на свештеници на Грција, донесе одлука да излезе на улица, заедно со верниците.

По одржаниот состанок, управниот одбор на здружението, соопшти дека целосно се согласува со одлуката на Светиот синод на ГПЦ, за не прифаќање на терминот Македонија и изведените зборови, но сепак ќе биде дел од демонстрациите на 4 февруари.

– Свештеникот, обичниот поп кој е целосно поврзан со потребите на верниците и секојдневно е присутен во радоста и тагата на верниците, не е можно во овој критичен момент, кога народот, спонтано и масовно излезе за да го изрази неговото мислење и незадоволството за овој голем национален проблем, да не го поддржи и да биде отсечен и далеку од праведните борби на неговите духовни чеда, соопштуваат од здружението на свештеници на Грција, објави МИА.

За денеска, како што во вторникот јави МИА, Синодот на ГПЦ закажа вонреден состанок, на кој ќе стане збор за спорот со името и демонстрациите. Извори од Архиепископијата за грчкиот информативен портал ин.гр, рекоа дека разговорите на состанокот ќе имаат три дела.

– Одново ќе се потврди позицијата од претходниот архиерејски синод, да не постои терминот Македонија во името на ПЈРМ, одредени архиереи ќе го покренат прашањето со демонстрациите и ќе се побара, од сега па натаму, црквата да има заедничка линија за конкретното прашање, напиша грчкиот портал, во вторникот, како што веќе објави МИА.

Од ГПЦ пак, во кусото соопштение- најава за состанокот не го споменаа прашањето за името, најавија дека новата средба ќе се одржи в петок на 26 јануари, за да се разгледаат тековни службени прашања

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ