
Засилена реториката меѓу Америка и Иран
Заканувачки пораки си испратија американскиот и иранскиот претседател во текот на викендов, и со тоа дополнително ги зголемија тензиите меѓу двете земји. Со големи букви, Трамп го предупреди Рохани
„Никогаш не им се заканувајте на САД, зашто ќе се соочите со такви последици какви што малку сте почувствувале во историјата. Не сме повеќе земја која ќе ги прифаќа вашите лудачки зборови за насилство и смрт. Бидете внимателни“ напиша американскиот претседател.
Ова е одговорот на Трамп на претходната изјава на Рохани дека „Америка мора да сфати добро дека мирот со Иран е мајка на сите мирови, а војната со Иран е мајка на сите војни“. Иранската државна новинска агенција, која се смета за гласило на владата, го опиша предупредувањето на Трамп како пасивна реакција. Коментарот на Трамп не е прв во зголемувањето на тензиите меѓу Техеран и Вашингтон. Реториката ја интензивираше и државниот секретар кој иранскиот режим го спореди со мафија, обвинувајќи ги клериците дека се корумпирани.
- Клериците се вмешани исто така. Судејќи според нивното богатство, тие се повеќе загрижени за богатење отколку за религијата. Овие лицемерни свети луѓе ги измислија сите видови на корумпирани шеми за да станат најбогати луѓе на земјата, додека нивниот народ страда. Нивото на корупција меѓу иранските лидери покажува дека Иран е раководен од нешто што повеќе наликува на мафија отколку на влада“, соопшти државниот секретар Мајк Помпео.
Помпео најави и дека Америка ќе ги поддржува сите Иранци кои се противат на иранскиот режим и кои започнаа протести уште во декември. Најави и дека американската влада ќе финансира ТВ и радио станица, чија програма ќе може да се следи и преку интернет, а на Иранците ќе им помогне да ја заобиколуваат интернет-цензурата.
Техеран и Вашингтон се во посебно лоши односи, откако Америка во мај се повлече од меѓународниот нуклеарен договор, и се закани со нови санкции ако не се направи нов договор до 6 август, и покрај противењето на другите потписници како Франција, Кина, Русија и Германија. Реципроцитетните закани ги доведоа двете земји на работ на војна, сметаат аналитичарите. Бидејќи, Иран ќе стори се за да го заштити извозот на нафтата. Со напуштањето на договорот Трамп ја намали довербата и тогаш Иран нема основа за што да разговара со Америка.
Алиса Шутиноска