
Западот се подготвува за воена акција во Сирија
Американскиот претседател ја предупреди Русија да се подготви за новите и „паметни“ ракети, кои ќе бидат испалени кон Сирија. Неговата реакција доаѓа откако советот за безбедност на ОН и по три обиди не успеа да усвои резолуција за наводната употреба на хемиско оружје во Сирија, по што САД, Велика Британија и Франција најавија преземање воени акции.
„Мислам дека треба да се фокусираме на Сирија. Мислам дека може да направиме и повеќе од тоа. Мислам дека сега за сите опции се дискутира и сите кои се консултирани ќе го кажат своето за тоа кој ќе биде соодветниот одговор“, вели претставничката на САД во НАТО, Кеј Бејли Хачинсон.
Трамп ја откажа посетата на латинска Америка за да се фокусира на одговорот на Вашингтон на наводните хемиски напади во Сирија. Тој разговарал и со британската премиерка Тереза Меј за понатамошни воени дејствија во Сирија. Координиран одговор со САД и Велика Британија најави и францускиот претседател Емануел Макрон кој претходно, во неколку наврати потенцираше дека употребата на хемиско оружје е „црвената линија“ која повлекува сериозни реперкусии. Овие чекори од страна на западните земји посочуваат на подготовка на поголема акција, отколку неколку ракетни напади.
Русија која стави вето на обидот на САД во Советот за безбедност да воспостави нова истрага за откривање на виновниците за хемиските напади во Сирија, ги обвини дека предложиле текст за усвојување, за кој знаеле дека Москва ќе стави вето, само како изговор за да преземат воени активности.
„Ако одлучите да преземете нелегална воена акција, а се надеваме дека ќе се освестите, тогаш ќе треба да ја сносите одговорноста. Тоа што се обидувате е да ја вметнете оваа резолуција во Советот за безбедност, нешто што стоеше во фиока подолго време, само за да најдете изговор“, вели рускиот амбасадор во ООН, Василиј Небензија.
И Русија и на САД имаат флоти во Средоземното море а количеството на оружје што би можело да биде употребено е огромно. Американскиот разорувач „Доналд Кук“, е на околу 100 километри од Тартус, каде се наоѓа воено-поморската база на Русија. Кон Сирија испратен е и носач на авиони, придружен од крстосувач и четри разурнувачи. Од друга страна се наоѓаат група борбени бродови на Русија, меѓу кои и дизел подморници а во базата Хмејмим стационирани се авиони ловци и бомбардери, вклучително и најновите авиони Су-57.
Москва предурпеди дека евентуален ракетен напад, како тој во Шерјат пред точно една година може да доведе до воена конфронтација со САД во Сирија. Извор од Министерството за одбрана на Русија, ситуацијата ја нарече најопасниот момент во руско – американските односи уште од Кубанската ракетна криза во 1962 година.
Игор Трајков