Западните лидери тврдат дека Иран сепак го соборил украинскиот авион, Техеран негира

Доказите сугерираат дека ирански проектил го уништил украинскиот патнички авион кој се урна во близината на Техеран, најверојатно како последица на грешка, подвлекоа повеќе лидери на западните земји.

Трамп први изрази сомневање дека авионот бил соборен по грешка, по што канадскиот премиер, Џастин Трудо, директно посочи дека Иран е виновен за урнувањето на авионот.

Имаме разузнавачки информации од повеќе извори, вклучувајќи ги нашите сојузници и нашето разузнавање. Доказите индицираат дека авионот бил соборен од ирански проектил земја – воздух.

Иранските власти ги отфрлија обвинувањата дека тие се одговорни за урнувањето на авионот и потврдија дека испратиле покана до Франција, Канада и Соединетите американски држави да учествуваат во истрагата за утврдување на приказната.

Како што реков, според законот, има целосна координација меѓу нашата противвоздушна одбрана и системот на цивилна авијација. Вработените во одделите за цивилна авијација и противвоздушна одбрана седат едни до други и затоа е апсолутно невозможно такво нешто да се случи.

Украинските власти на седницата на советот за безбедност на Обединетите нации побараа да бидат овозможени сите услови за спроведување на објективна и темелна истрага за соборувањето на украинскиот авион.

Околностите за оваа катастрофа се уште не се разјаснети. Сега треба експертите да спроведат истрага и да понудат одговор за тоа што ја предизвикало. За таа цел, нашите експерти мора да добијат безусловна поддршка за истрагата на овој инцидент.

Трагичниот урнување на авионот се случи само неколку часа откако Иран изведе ракетни напади на две бази во Ирак во кои се сместени американските војници. Американските медиуми шпекулираа дека тајмингот на урнувањето на авионот сугерира дека тој бил најверојатно погрешно идентификуван за американски бомбардер, заради стравувањата на властите во Техеран за можна одмазда на САД.

 

Никола Илиевски

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ