
Ѕанакопулос уверен дека грчкиот парламент ќе го ратификува Договорот
Грчкиот владин портпарол Димистрис Ѕанакопулос е уверен дека Парламентот на Грција со големо мнозинство ќе го ратификува Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Македонија.
– Што се однесува до македонското прашање, доколку се исполнат предусловите од соседната земја, ќе дојде во грчкиот Парламент, ќе помине со доста широко парламентарно мнозинство, доколку политичките сили гласаат, не врз база на внатрешно политичките намери и цели, туку врз база на идеологии и јасни политички критериуми, рече Ѕанакопулос за грчката телевизија ЕРТ.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на ставот на коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос, дека нема да гласа за Договорот од Преспа, но и дека ќе ја урне Владата, Ѕанакопулос ја повтори изјавата на лидерот на Независни Грци дека според договореното по изборите во 2015, со Алексис Ципрас ќе оди до крај на четиригодишниот мандат.