
Закерберг: Ги украдоа и моите податоци
„Не презедовме доволно опсежен поглед за нашата одговорност и тоа беше голема грешка. И беше моја грешка и жал ми е. Јас го почнав Фејсбук, јас го водам, и јас сум одговорен за тоа што се случува тука“.
Како што беше очекувано, Закерберг вчера презеде одговорност за што се случи на социјалната мрежа поврзано со американските избори од 2016-та година, скандалот Кембриџ Аналитика, и украдените податоци на 87 милиони корисници. Беше испрашуван 5 часа, од 44 сенатори, демократи и републиканци, нешто што денес продолжува на Капитол Хил, во Домот на пратениците.
„Дали ќе се заложите да ги промените сите базични поставки со цел да го минимизирате, до крајна можност собирањето и употребата на корисничките податоци? Не верувам дека на тоа ви е тешко да кажете „да“, освен ако не пропуштам нешто“?!
“Конгресмене, тоа е комплицирано прашање, и мислам дека заслужува повеќе од одговор со еден збор“.
„Ете, повторно, тоа е разочарувачки, затоа што мислам дека треба ја наравиш таа заложба, и ако не ќе се вратиме на ова подоцна, ако е возможно“.
Повторливоста, речиси роботска на Закерберг, неговото постојано одговарање со „Да, Сенаторе“, „Да, Конгресмене“, говори за една празнина во неговата приказна и позиција, за слабоста на неговите одговори и честото повикување, дека не знае, дека ќе обезбеди дополнителни информации.
Неговото преземање одговорност, иако стана низ годините една пречеста појава, е за секоја почит. Но, неговата реконструкција на фактите е полна со дупки, и ако тоа е последица на игнорирање на проблемот, тогаш имаме далеку поголем проблем од нечистата совест на Закерберг.
„Која е разликата помеѓу методологијата на Фејсбук, и методологијата на американската црна овца, Џ. Едгар Хувер“?
„Конгресмене, на Фејсбук вие имате контрола врз вашите информации. Содржината која ја споделувате, која ја ставате, можете кога сакате да ја отстраните. Информациите кои ги собираме, можете да одберете да не ги собираме. Можете да избришете што сакате и се разбира можете да го напуштите Фејсбук доколку сакате“.
Ако е за некаква утеха, Закерберг кажа дека и неговите податоци биле украдени. Но, околу приватноста, уште многу работа ги чека Закерберг и компанија.
Марк, дечкото во папучи и маичка не излегува најдобро од двојната сесија со политиката. Нема ништо подлабоко од тоа што се гледа на површината, ќе каже Хегел. А на површината, променетиот имиџ на Закерберг говори за крајот на една икона. Нердот, тренд сетерот на 2000-тата, денес е заменет од еден краватосан и формален бирократ, од својата спротивност, од својот немесис, од својот пораз.
Изгубениот имиџ, и повеќе од изгубениот образ, таа кравата и формалност, го сместува на граница со политичарите во потрага по кредибилитет. Од Олимпот на Силиконската долина, во сламот на политиката која моли за гласови и консензус. Од Зевс на модерноста, до обичен смртник, Закерберг го загуби најважното во еден свет како што се социјалните мрежи како Фејсбук или Инстаграм. А, тоа е сликата за самиот себе.
Ивор Мицковски