
Закани за Коѕијас, судството и полицијата не преземаат ништо
Куршуми, кутии со крв и заканувачки писма постојано стигнувале на адреса на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас. Кон крајот на февруари, во екот на преговорите за името, добил писмо во кое пишувало „Имаме три куршуми за тебе“.Писмото е доставено до полицијата, но досега никој не е повикан на одговорност. Во интервју за грчко радио, тој се жали дека и судството не презема ништо, иако самиот ги нашол адресите и имињата на луѓето кои му се заканувале по телефон.
Коѕијас прашува, зошто обвинителот не реагира и за повиците и слоганите од типот „Дајте ни оружје против Скопје„, што се забележуваат на протестите против договорот со Македонија? Бара реакција и од опозициската Нова демократија, прашувајќи ги, дали се согласуваат со ваквите повици и зошто јавно не ги осудат? Вели дека реториката на омраза мора да престане, а обвинителот да почне да дејствува. И покрај сите закани, вели дека не отстапува од договорот, за кој е уверен дека, ќе биде ратификуван од мнозинството пратеници во грчкиот Парламент. Паралелно ја отфрли можноста за гласање од 180, наместо 151 пратеник, како што побара лидерот на Независни Грци и коалициски партнер во грчката Влада, Панос Каменос.
„Јас лично му објаснив на Каменос и ќе продолжам да го имам овој став дека Уставот предвидува 180 гласови за договор за отстапување на национален суверенитет. Ние не отстапуваме национален суверенитет. Имаме договор за промена на името и на Уставот на трета земја“, рече Коѕијас.
Говорејќи за следните чекори и од двете страни, шефот на грчката дипломатија коментира дека „ временските рокови одат добро “ и очекува до крајот на годината Македонија да ги заврши обврските, а потоа да биде и гласањето во грчкиот парламент. Во однос на вчерашниот состанок на префектите и градоначалниците од северна Грција кои бараат референдум, Коѕијас вели дека тие се обидуваат да изградат политичка кариера.Коментирајќи го, пак, и присуството на 15 митрополити на состанокот, им порачува дека, „ја почитува црквата, но одредени архиереи немаат никаква работа во политиката на земјата“.
Далиборка Дамјанска Цветановска