Заев го советуваат 56 лица (07.05.2018)
Тимот на премиерот Заев се прошири и засили со уште еден соработник. Викендов Џезаир Шаќири, алијас Командат Хоџа, е именуван за надворешен соработник за внатрешна безбедност и борба против радикализмот. Именувањето предизвика многу реакции во јавноста а Шакири одговори преку социјалната мрежа Фејсбук дека именувањето го гледа како функција за да преживее.
Од Владата денеска испратија само кусо известување за именувањето на Шаќири.
Поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија, Џезаир Шаќири е времено ангажиран како Надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија.Џезаир Шаќири, има времен договор со времетраење од една година, со висина на примања од 36.000 денари месечно.
Премиерот Заев истакна дека именувањето на Хоџа може да помогне доколку се појави безбедносна закана во Танушевци и дека тоа преставува можност за легална заработка со која би си го прехранил семејството.
Разликата меѓу изборот на советник и надворешен соработник е голема, бидејќи премиерот има дискреционо право да ги именува соработниците без да се распише оглас и да се наведат било какви критериуми.
Сепак Премиерот и неговиот тим должат објаснување како лице кое повеќе од 15 години се наоѓа на црната листа на американскиот Стејт Департмент во екот на обидите за влез во НАТО е ангажиран како соработник.
Според официјалните податоци на Владата доставени до Топ Тема на Ваша Страна, премиерот Заев го советуваат вкупно 56 советници и соработници поделени во три категории – посебни советници вкупно 13, советници – 10 и надворешни соработници 33.
Шаќири или Хоџа се приклучува на тимот од вкупно 33 надворешни соработници а јавноста досега знаеше само за петмина Мерсељ Биљали, Исмет Рамадани, Зоран Башановиќ, Александар Обрадовиќ и Митко Андреевски за чии услуги месечно се исплаќаат вкупно 278 илјади денари.
Како надворешни соработници се ангажирани и Миле Зечевиќ за адвокатски услуги, Драгиша Милетиќ за меѓуетнички односи, Мирослав Грчев за градежништво и урбанизам, Фатмир Бесими и Ванчо Узунов за економски прашања. Листата е долга исто како и полињата и темите на кои соработниците советуваат.
Најскапо платен е српскиот државјанин Башановиќ, кој е надворешен соработник на Заев за економија за сума од 90.000 денари, Обрадовиќ за економски прашања за соработка на Македонија со земјите во регионот е платен 72 илјади денари, Биљали и Рамадани се платени по 40 илајди денари за подготовка на анализи, извештаи и мислења за унапредувања на меѓуетничките односи, односно за остварување на стратешките приоритети за членство во НАТО додека Андреевски кој е ангажиран во областа енергетика работи про боно.
За останатите советници засега нема информации колкави се нивните месечни примања.
Интересно е што премиерот Заев ангажира по неколку советници и соработници за иста област. Така за односи со јавност се ангажирани Марјан Забрчанец како советник и Ѓорги Калајџиев и Џабир Доко како соработници, за урбанизам и градежништво има тројца соработници Мирослав Грчев, Андреј Манев и Зоран Иванов, за меѓуетнички односи се Мерсел Биљали и Драгиша Милетиќ, за странски инвестиции покарј Љубе Бошкоски тука е и соработникот Абилгафар Рамадани а петмина соработници работат на економските прашања Фатмир Бесими, Ванчо Узунов, Владо Димовски, Зијад Беќировиќ и Аљаф Бакхатијар.
Топ Тема на Ваша страна пред дваесетина дена побара Владата да ни достави листа на посебни советници на премиерот со дата на ангажирање, објавениот оглас и нивното CV. Одговорот беше брз но делумен. CV -ијата на советниците не беа вклучени во одговорот со објаснување дека барањето е проследено до службите. Така, останавме покуси за работното искуство 13-те посебни советници на премиерот, клучното во нашето истражување – дали и колку се компетентни за функцијата која ја извршуваат и дали ги исполнуваат критериумите наведени во распишаните огласи.
Од владата повторно побаравме податоци за сите ангажирани советници и соработници на премиерот Заев кои биле наведени во огласите, а не се косат со Законот за заштита на личните податоци, но поради обемност на материјалот одговорите ни беа најавени за наредните денови.
Но она што е најголема дилема во официјалното објаснување е што тоа е подкопано од фактите а тие говортат дека речиси и да нема државна институција на чија интернет страница не се прикачени биографиите на раководните лица, почнувајќи од Владата – каде ја има биографијата на премиерот и сите министри.
Топ Тема на Ваша страна ја доби листата на советници и соработници на премиерот Зоран Заев, чиј вкупен број е 56.
Во кабинетот на Заев има трите категории ангажирани советници – соработници.
Посебни советници има 13:
- Тања Чачарова Илиевска, посебен советник за правда;
- Дане Талески, посебен советник за надворешни работи;
- Ленче Николовска, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство;
- Цвета Ласкова, посебен советник за култура;
- Драган Јованов, посебен советник за животна средина и просторно планирање;
- Љупка Цветкова, посебен советник за администрација;
- Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлански интеграции;
- Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност;
- Фидан Колев, посебен советник за транспорт и врски;
- Рубин Земон, посебен советник за развој на мултикултурно општество, интеркултурализмот и интер-културните комуникации;
- Љубе Бошкоски, посебен советник за странски инвестиции;
- Фатмир Битиќи, посебен советник за спроведување на Рамковниот договор;
- Ѓорги Тасев, посебен советник за млади и спорт.
На позиција советник се 10:
- Мила Станемова – Советник за комуникација со министерствата;
- Зоран Бојаровски – Советник за медиумски реформи;
- Илија Жупановски – Советник за истражувања и анализи;
- Весна Коваческа Трпческа – Советник за информативни активности;
- Иванна Хаџиевска Кошевалиски – Советник за протоколарни активности;
- Олимпија Христова Заевска – Советник за меѓународна економија и развој;
- Ивана Јордановска – Советник за соработка со меѓународни организации;
- Христијан Ѓоргиевски – Советник за односи со Собрание на РМ и законодавство;
- Светлана Сиљјановска – Советник за организација на настани;
- Сања Богатиновска – Советник за истражувања и анализи;
Во категоријата – Надворешен соработник, премиерот има ангажирано 33 лица:
- Мерсел Биљаљи – Надворешен соработник за подготовка на анализи извештаи и мислења за унапредување на меѓуетничките односи.
- Исмет Рамадани – Надворешен соработник за подготовка анализа и извештаи неопходни за остварување на стратешките приоритети и определби за членство во НАТО.
- Ванчо Узунов – Надворешен соработник за економски прашања.
- Зоран Башановиќ – надворешен соработник за економски прашања.
- Александар Обрадовиќ – надворешен советник за економски прашања за соработка на Република Македонија со земјите од регионот.
- Џезаир Шаќири – Надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот.
- Фатмир Бесими – Надворешен соработник за економски прашања и координација за економски раст.
- Ѓорѓи Калајџиев – Надворешен соработник за комуникации и односи со јавност.
- Филип Андов – Надворешен соработник за креирање политики од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје.
- Владимир Цветковиќ – Надворешен соработник за ИКТ.
- Александар Спасов – Надворешен соработник за креирање на јавни политики.
- Даниел Димевски – Надворешен соработник за прашања во областа на спортот и унапредување на спортот во РМ.
- Спасе Додевски – Надворешен соработник за унапредување на образование, здравство и социјална зштита и спроведување на конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост на РМ.
- Андреј Манев – Надворешен соработник за урбанистичко планирање и градежништво.
- Владо Димовски – Надворешен соработник за економски прашања.
- Горан Стаменковски – Надворешен соработник за социјална политика.
- Зоран Иванов – Надворешен соработник за градежништво.
- Абилгафар Рамадани – Надворешен соработник за странски инвестиции.
- Горан Николовски – Надворешен соработник за политичко економски состојби во регионот на земјите од Голфскиот залив.
- Митко Андреев – изработка на Анализа за информација со податоци и изготвување извештај на елаборат од областа на енергетиката.
- Aљаф Бакхатијар – Надворешен соработник за економски прашања за соработка со Блиски Исток.
- Зијад Беќировиќ – Надворешен соработник за економски прашања земји од регионот.
- Џелил Ахмед – Надворешен соработник за традицијата, верските и културните идентитети на заедниците во РМ.
- Џабир Доко – Надворешен соработник за комуникација со медиуми и односи со јавност.
- Љубомир Шубара – Надворешен соработник за финансии, банкарство и инвестиции.
- Драгиша Милетиќ – Надворешен соработник за меѓуетнички односи и соработка меѓу заедниците.
- Миле Зечевиќ – Надворешен соработник за адвокатски услуги.
- Алиса Дограмаџиева Живановиќ – Надворешен соработник за политичко-економски односи на подрачје на САД.
- Дејан Николовски – Надворешен соработник за институции меѓу општините и Владата на РМ.
- Мирослав Грчев – Надворешен соработник за просторно и урбанистичко планирање и градежништво.
- Драган Василевски – Надворешен соработник за одбрана.
- Зоран Гавриловски – Надворешен соработник за биро за застапување на РМ пред ЕСЧП.
- Силвио Аврамовски – Надворешен соработник за економски Прашања и Зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блиски Исток.
Огнен Чанчаревиќ