
За еден ден двојно зголемен бројот на заболени од коронавирусот во Италија повеќе од 150, северот на земјата во карантин
Зголемениот број на заболени кој се искачи над 150 на северот во Италија и смртен биланс од тројца починати, донесе пустош во овој дел од земјата. Италијанската влада донесе декрет со кој под карантин се ставаат неколку градови во северна Италија каде има најголем број на заболени од корона вирусот. Од 50.000 граѓани е побарано да останат во своите домови. Училиштата, универзитетите и продавниците се затворени, запрени се сите културни и спортски натпревари, а се вршат и вонредни сообраќајни контроли во регионите Венето и Ломбардија. Македонката Оливера Јовановска Гарбин која живее и работи во местото Мира Мирано, близу Венеција во разговор за Телма вели дека посетеноста е минимална, а карневалските свечености се прекинати. Нејзиното семејство постојано ја следи состојбата со епидемијата и ги почитува препораките на здравствените власти.
Најголем број заразени се од регионот Ломбардија 89 лица. Соседна Словенија повика на претпазливост при патувањата во Италија. Градоначалникот на Милано предлага специјални мерки поради да бидат воведени и во неговиот град, ги повика граѓаните на присебност.
- Во овој момент, верувам дека училиштата треба да бидат затворени во Милано. Јас ќе му предложам на претседателот на регионот да ја прошири неговата интервенција на ниво на град- Џузепе Сала, градоначалник на Милано.
Бројот на заболени рапидно расте, но италијанскиот премиер Конте ја отфрли идејата за суспендирање на Шенгенот, односно целосно запирање на увозот и извозот на Италија. Тој вели Италија не треба да биде отсечена, бидејќи таквиот потег би имал разурнувачко влијание врз италијанската економија.
- Значи, врз основа на моменталната ситуција нема апсолутно никакви услови за иницијатива од ваков вид (суспендирање на Шенгенот), а да не зборуваме за катастрофалното влијание што би го имало тоа врз нашата економија. И парадоксално е еве сакам вака да го поставам прашањето: зошто ние би сакале Италија да биде отсечена? Нема услови да дојде до тоа, ниту пак сакаме да го сториме тоа- Џузепе Конте, премиер на Италија.
Во Кина, пак земјата од каде се прошири вирусот, бројот на заразени зголеми на 76.936, откако се пријавени 648 нови случаи, додека бројот на жртви достигна 2.442, соопшти Националната здравствена комисија.
Во Хубеи, епицентарот на епидемијата, бројот на новозаболени во саботата се зголеми на 630. Тоа е значително зголемување од претходниот ден, кога беа пријавени 366 нови случаи на коронавирусот во Хубеи. Бројот на жртви исто така се зголеми, достигнувајќи 2.346.
Во меѓувреме Јужна Кореја одлучи да го подигне нивото на опасност од новиот коронавирус на највисок степен. Тоа го најави претседателот Мун Џае Ин, откако во таа држава беа регистрирани повеќе од 100 нови случаи на заболени од Ковид-19.
Државјанинот на Северна Македонија, кој е хоспитализиран откако се зарази со коронавирус на крузерот во пристаништето во јапонскиот град Јокохама, е во добра здравствена состојба.
Билјана Стварова