
За еден ден двојно зголемен бројот на починати од коронавирус во Кина
Кинеските власти апелираа до своите граѓани да не патуваат кон и надвор од градот Вухан, кој е во центарот на епидемијата на коронавирусот, кој досега усмрти 17 луѓе.
Истовремено, до жителите на градот од 8,9 милиони луѓе се апелира да ги избегнуваат масовните јавни собири. Вирусот се прошири од Вухан во повеќе кинески провинции, како и во САД, Тајланд и Јужна Кореја.
Досега има 440 потврдени случаи, при што изворот на епидемијата е пазар за морска храна
Доцна вечерва, кинеските власти потврдија дека бројот на починатите речиси двојно се зголемил, од 9 на 17, за само еден ден. Сите жртви засега се од Хубеи, провинцијата во која е и градот Вухан.
Први два случаи на заболени од коронавирусот се регистрирани и во Хонг Конг.
Во меѓувреме, во Женева заседава комитетот за итни ситуации на светската здравствена организација, со цел да направи проценка за глобалните ризици на вирусот и да одлучи дали да биде прогласен за меѓународна ризик за здравјето на луѓето, како што беше направено во случајот на свинскиот вирус и ебола.
Доколку биде донесена оваа резолуција, тоа би значело објавување на забрана за патување и ограничување на трговијата.
Пред неколку дена, Кина потврди дека вирусот веќе се пренел преку меѓучовечки контакт.
Според досегашните информации, станува збор за нов вид на коронавирус со кој досега не биле заразени луѓето и кој предизвикуа респираторни симптоми, грозница, кашлица и потешкотии при дишењето.
Вирусот Сарс кој кон почетокот на овој век усмрти околу 800-тини луѓе на планетата, исто така бил коронавирус.
Никола Илиевски