
Вучиќ во војна со своите поранешни соработници
Сите советници на премиерот работата на развојот на економијата на земјава е краткиот одговор од владата за став по обвинувањата од српискиот претседател Александар Вучиќ дека протерани бандити од Србија ода да работат во Македонија и некои се и советници на премиерот, конкретно споменувакќи ги имињата на Саша Мирковиќ и Зоран Башановиќ.
„Има криминалци тука во Белград кои сакаат да работат во Скопје. Бандитите кои ги избркавме од тука, Саша Мирковиќ, Башановиќ, кој крадеше гаќи во американски шопинг мол, сега е голем советник и е многу важен. Не сакам да зборувам повеќе во моментов“, изјави Вучиќ.
Телма побара и информација од Владата дали Саша Мирковиќ е советник на Заев, кој досега го немаше на список на советници, но и кои се конкретни резултати кои досега се испорачани од српските советници на премиерот Зоран Башановиќ и Александар Обрадовиќ. Одговорот беше краток:
„Сите советници на премиерот работата на специфични економски развојни прокети чиј интерес е развојот на економијата на Северна Македонија“, наведуваат од владата.
Башановиќ и Обрадовиќ се надворешни соработници на Заев. Башановиќ за економски прашања, Обрадовиќ за економски прашања за соработка со земјите од регионот. Башановиќ инаку е најплатениот од 56-те советници на Заев – месечно му се исплаќаат – 90.000 денари, додека Обрадовиќ добива 72.000 денари.
Башановиќ во српската јавност е познат како контроверзен естраден менаџер на турбо-фолк сцената. Бил и член на главниот одбор на Српската напредна партија, токму на Вучиќ, но нивната соработка била раскината, наводно поради матни зделки на Башановиќ. Според опонентните на Вучиќ пак, додека им траела соработката Башановиќ бил главниот оперативец на српскиот премиер, па претседател Вучиќ. Раководел со медиумите блиски до владеачката партија, а собирал пари за кампањи, но и посредувал во тајна комуникација со политичари и бизнисмени.
Обрадовиќ пак кога стана советник на Заев дел од српските медиуми објавија дека врската за тоа му бил токму Башановиќ, со кого биле од претходно поврзан преку зделки во српското електростопанство, додека таму прв човек бил Обрадовиќ. Обрадовиќ беше планиран да стане прв човек на ЕЛЕМ, но по реакциите на јавноста, тоа не се реализираше и тој стана советник на премиерот.
Саша Мирковиќ го нема на списокот на советници на Заев, но српските медиуми блиски до власта и него го поврзуваа со Башановиќ, поточно уште минатата година пишуваа дека Мирковиќ и Башановиќ имале намера да преземат медиуми во Македонија во кампања за рушење на Вучиќ. Мирковиќ инаку е страден менаџер во Србија кој бил осуден на една година затвор поради малверзации со набавка на новогодишни пакетчиња во Зајачар додека бил претседател на градското собрание. Мирковиќ е исто така поранешен пратеник од партијата на Вучиќ. Тој во септември стана дел од опозицискиот политички сојуз „Чувари на Србија“ на 16 политички организации чиј потпретседател стана Мирковиќ.
Обвинувањата за криминално минато на српски советници на Заев е последното во низата обвинувања на српските валсти за поврзаноста на протестите на српската опозицијата со македонските власти за спроведување на т.н. „македонското сценарио“ за рушење на актуелната власт во Србија. Вучиќ дури и го спореди упадот во РТС со упадот во македонското Собрание.
„Големите пријатели на Зоран Заев, тајкуните Џилас и Јеремиќ, се пофалија како го осудија министерот за внатрешни работи Чавков на 18 години затвор, затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во Парламентот. По тој принцип ние можеби би можеле да размислуваме за одговорност на министерот за внатрешни Небојша Стефановиќ што ги пушти фашистот Обрадовиќ и тајкунот Џилас да влезат внатре. Сметам дека министерот мислел дека има работа со одговорни луѓе и такво нешто нема да им падне на памет“, рече Вучиќ.
На ваквите коментари на Вучиќ мадонската влада реагираше многу дипломатски и во ракавици, со укажување дека демократијата треба да се развива и зајакнува во земјите од регионот, преку дијалог, посветеност и конструктивност од страна на властите, опозициите и граѓанските општества.
„Сите работиме за исти цели: мир, просперитет, подобар живот за граѓаните, зајакната регионална соработка и забрзани евро-интеграции. Насилствата никогаш не може да донесат решенија, таквите дејствија штетат на демократијата и на напредокот“, се вели во соопштението од владата.
Во соопштението на владата кое тие и денеска го повторија како одговор на изјавите на Вучиќ, се наведува дека Северна Македонија и Србија се пријателски земји, нашите народи се пријателски и ние постојано ја унапредуваме меѓусебната соработка и почитувањето.
Тамара Грнчароска