Вучиќ во Хрватска: Заедничка иднина како односите меѓу Норвешка и Шведска

По објавување на стратегијата на ЕК за проширување на Западен Балкан и предупредувањето дека ниедна нова членка нема да биде примена без решавање на билатералните конфликти, еве како дојде редот и за обид од српско – хрватско помирување.

Но, далеку сме од пријателство. Српскиот претседател Вучиќ е во дводневна посета на Хрватска, во официјално срдечна атмосфера, но попратена со тегобни изјави, граѓански протести и мали политички инциденти.

Вучиќ истакна дека е дојден да разговара за отворените прашања, дека двете страни речиси околу ништо не се согласуваат, но дека во поглед на иднината немаат спротивставени интереси.

„Мислам дека и Србија и Хрватска мораат, без оглед што мислат политичките партии во двете земји, да имаат многу подобри односи во иднина. Едноставно, ќе дојдеме до таа состојба, каква што имаат Норвешка и Шведска денес, состојба која беше незамислива до 1905 година, да погледнеме кон иднината и кон самите нас, да погледнеме кон другата страна со поинакви очи. Мора двапати да размислиме пред да кажеме некои работи, некои работи кои би можеле да бидат болни за другата страна“.

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ кажа дека иако по многу прашања не се согласуваат, по некои се приближуваат, а за некои во иднина ќе се приближат.

„За жал, минатото и понатаму не ни дозволува да ги окарактеризираме односите меѓу двете земји како пријателски. Но, наша обврска е, како двајца претседатели одбрани од волјата на народот, да се сретнеме и да разговараме, да најдеме заедничка основа, да ги решиме прашањата околу кои имаме поделби, и се разбира, да пронајдеме пат кон иднината кој ќе ја осигура благосостојбата и на српскиот и на хрватскиот народ. И тоа што особено не врзува е нашата заемна одговорност за иднината на југоисточна Европа“.

Главни теми на разговорите со Колинда и премиерот Пленковиќ со кој Вучиќ имаше средба и во Давос, била границата на Дунав, за која ќе се обидат да постигнат договор, а доколку не успеат, ќе одат на меѓународна арбитража.

Двете страни разменија и документи околу исчезнатите за време на воените кофликти, и Вучиќ пред новинарите кажа дека се зборело и за воени репарации.

Вучиќ додаде и дека на своите министри им наредил ембарго на какви било навреди кон хрватските колеги, со цел подобрување на односите.

Но, српскиот претседател не ги избегна навредите на демострантите кои протестираа против неговата улога во потикнување на локалните Срби против хрватските власти во деведесетите.

Го пречекаа транспаренти од типот „Коњу не лажи“, „Четник почетник“, и „Барабо врати се во Србија“.

„За чесен разговор треба да имате искрен и одговорен соговорник, но Александар Вучиќ  не е тоа. Станува збор за ноторен четнички злосторник“.

Вучиќ им порача на хрватските граѓани дека не бил четник, наведувајќи дека во Втората ветска војнна Хрвати го запалиле имотот на неговиот дедо, и додаде дека според него коњот е племенито животно, па не било соодветно за навреда.

Не беше избегнат и помал инцидент, на пат од Хрватската Влада до Парламентот, хрватскиот пратеник Миро Буљ кој на Вучиќ му дофрли прашувајќи го кога ќе дојде во хрватска Глина. Изнервиран, Вучиќ не се воздржа, по што му се обрати на пратеникот кој го обвини дека бил главниот воен хушкач на Шешељ.

„Да не си мислите дека се уплашив од вашето дофрлање. Да не мислите дека се уплашив од вас или од вашето дофрлање. Можам да ви одговорам кога и да посакате, колку што ќе посакате, и што и да сакате“.

Коментарите во Хрватска околу посетата на Вучиќ не се преоптимистички. За Загреб секој соговорник е подобар од Томислав Николиќ, и гледаат одреден прагматизам во Вучиќ. Сепак, потсетуваат дека Србија сега наликува на Туџманова Хрватска, власта и медиумите се целосно во рацете на Вучиќ, опозицијата е скршена, а секој што ќе проговори критички против него, завршува стигматизиран и етикетиран како предавник. За хрватските коментатори, дури и еден Орбан во споредба со Вучиќ, наликува на скандинавски либерал.

И двете страни одбиваат да се согласат околу минатото, но од актуелната посета се оценува дека хрватските власти всушност придонесуваат во градењто на култот личноста на Вучиќ.

Со други зборови, односите меѓу Хрватска и Србија остануваат далеку од оние меѓу Норвешка и Шведска.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ