Вучиќ со убедлива победа, за опозицијата изборите се лажни

Српска напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ ќе ја зацврсти својата власт во Србија бидејќи е на пат да оствари убедлива победа на денешните парламентарни избори, кои се одржаа среде епидемија на коронавирусот.

Според прелиминарните резултати, СНС освои 63,4% гласови, што ќе ѝ донесе дури 180 пратенички места од можни 250, а далеку на второто место е нејзиниот коалициски партнер Социјалистичка партија со 10,3%. Трета по освоени гласови е партијата на бившиот ватерполист Александар Шапиќ, СПАС, со 3,9% гласови.

За опозицијата, „овие лажни избори на Александар Вучиќ не успеаја“ затоа што на нив се излезени помалку од 50 отсто од гласачите.

„Бојкотот ја исполни својата смисла и го соголи режимот. Според наши информации, на повеќе од пет отсто избирачки места се забележани закани кон гласачите“, кажа претседателот на опозициската СзС, Драган Ѓилас.

Според државната изборна комисија, излезноста на изборите била 45%.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ