
Вториот самит меѓу Трамп и Ким заврши пред време и без договор
Американската делегација предводена од претседателот Доналд Трамп си замина од Ханој пред крајот на самитот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун со празни раце. Не беше постигнат никаков договор затоа што севернокорејците побарале повлекување на сите санкции кон државата во замена за затварање и демонтажа на нуклеарниот комплекс Јонгбјон. Нас ни требаше повеќе од тоа, изјави Трамп пред заминувањето на американската делегација.
Тие беа подготвени да денуклеаризираат голе дел од областите како што сакавме, но не бевме подготвени да се откажеме од сите санкции за тоа. Продолжуваме да работиме и ќе видиме. Мораше да се повлечеме од тој конкретен предлог, рече Трамп.
Очекувањата беа големи пред почетокот на самитот. Покрај потпишување на договор и комплетна денуклеаризација на Корејскиот полуостров се најавуваше дури и потпишување мировен договор со кој ќе се стави крај на Корејската војна од 1953 година. Американската страна сепак инсистира дека е постигнат значителен напредок.
Сигурно сме поблиску денес отколку пред 36 часа и поблиску сме отколку што бевме пред месец или два. Така да вистински напредок беше направен. Мислам дека сите се надеваа дека можевме да направиме малку повеќе. Но раздебата беше направена со договор дека ќе продолжиме да работиме на тоа што беше исклучително тешок проблем, вели Државниот секретар Мајк Помпео.
И покрај отсуството на договор, самитот во Ханој до извесен степен сепак е успешен. Претходниот самит во Сингапур, во јуни минатата година, заврши со нејасно формулиран договор според кој и двете држави ќе се залагаат за денуклеаризација на полуостровот. Во Ханој се разговараше за конкретни предлози и рокови и претставува огромен напредок од пред 12 месеци кога и двете држави испраќаа воени закани.
Игор Трајков