
Вртоглаво расте бројот на починати и ново-заразени од коронавирусот во Италија
Шест затвореници ги загубија животите во големите немири кои избија во четири италијански затвори поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Во земјата која е второто најголемо жариште на коронавирусот, после Кина, има дури 366 починати и 7.375 заразени, што ја натера владата да ги затвори 14 од 20 региони во државата. Влада вети дека ќе ги направи сите напори за да се надоместат економските загуби поради воведувањето на најопсежните рестриктивни мерки по крајот на Втората светска војна. Премиерот Џузепе Конте, објавувајќи ги новите мерки ги повика граѓаните да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките.
Сакаме да го заштитиме здравјето на сите граѓани. Свесни сме дека ова ќе создаде непријатности и дека овие мерки се жртви, големи и мали. Но сега е време да бидеме одговорни. Сите мораме да ги почитуваме и да не ги одбегнуваме овие мерки. Не смееме да им се спротиставуваме и да ги одбегнуваме мерките, мораме да размислуваме за нашето здравје, за здравјето на нашите најмили, здравјето на нашите родители, и најважно здравјето на нашите дедовци и баби, порача Конте.
Покрај Италија бројот на нови случаи се зголемува и во останатите европски земји. Германија пријави 210 нови случаи со што бројот на заразени се искачи на 1.112. Велика Британија каде бројот на заразени со Ковид 19 се зголеми на 279 најави воведување мерки за социјално дистанцирање откако денеска беше потврдена смртта на третиот пациент во земјата. Грција со 73 потврдени случаи денеска одлучи превентивно да затвори 34 училишта од кои речиси сите се во областа Атика за да го ограничи понатамошното ширење на вирусот. По потврдувањето на првите два случаи Албанската Влада на итна седница донесе одлука за прекин на наставата во сите образовни институци до 3 април.
Денешните мерки, секогаш во согласност со протоколите на СЗО, се суспензија на сите директни летови или бродски транспорт од Италија, практично сите црвени зони кои се целосно затворени до 3 април, затварање на образовните институции во период од две недели за да се спречи ширењето и потоа да евалуација на процесот, изјави Рама.
Бројот на случаи се зголемува и во САД. Таму веќе има над 500 заразени и 22 починати.
Јужна Кореја пријави 69 нови случаи денеска, најмалиот број во изминативе 10 денови. Вкупниот број на заразени во земјата изнесува 7.382 но властите изразуваат внимателен оптимизам дека најлошото поминува. Во Кина бројот на новозаразени постојано опаѓа па земјата почна да ги затвара специјалните болници кои ги отвори за заразените со Ковид 19.
Според последните податоци, во светот досега се регистрирани 111.381 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 3.882 лица, а 62.661 биле излекувани.
Игор Трајков