
Вонредна седница на косовското собрание за дијалогот со Србија никако да се одржи
Седницата на косовското собрание свикана по барање на опозицијата за расправа за дијалогот со Србија, повторно беше прекината поради немање кворум. Поради истата причина вчера беше прекината и седницата за избор на владин тим за преговорите со Србија во Брисел. По блокадата во собранието, претседателот на законодавниот дом Кадри ги повика шефовите на пратеничките групи на заеднички состанок со цел да се најде решение за деблокада на Собранието.
Блокадата произлезе по предлогот на преговарачкиот тим во дијалогот со Белград и појавувањето на опцијата за размена на територија со Србија како конечно решение на спорот. Косовската опозиција жестоко се противи на тој предлог и во собранието поднесе резолуција со која ќе му се забрани на претседателот на државата Хашим Тачи и на било кој друг да преговара за територијата на Косово.
Според извори од Брисел, Белград сериозно размислува за идејата за размена на територии, додека во Приштина таа исто така има свои подржувачи од кои претседателот Тачи е најекспонираниот, но тешко дека ќе се постигне одлука, поради противењето на опозицијата и премиерот Харадинај. Дури и во Европа предлогот наиде на измешан прием. Еврокомесарот за проширување Хан зборува за историски момент, но Могерини, која го води дијалогот за нормализација на односите, избегнува да зборува за размена на територии, туку посочи дека било кој договор меѓу Белград и Приштина, треба да ја има подршката од унијата. Противници на идејата за размена на територии има во повеќе членки на унијата, Германија беше првата која ја отфрли.
„Мислиме дека дискусиите за размена на територии меѓу Косово и Србија не се продуктивни. Убедени сме дека тоа ќе отвори многу стари рани кај популацијата, и затоа сме многу скептични“, вели германскиот министер за надворешни работи, Хаико Мас.
Вината за одолговлекувањето на дијалогот, кој беше започнат од претходничката на Могерини, баронесата Кетрин Ештон, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ја лоцира во Приштина. Тој ги обвини косовските политичари дека не знаат за што сакаат да разговараат
Дијалогот продолжува утре во Брисел, каде Могерини повторно ќе биде домаќин на Тачи и Вучиќ, на нова рунда преговори од која не се очекува ништо.
Игор Трајков