Воената тензија меѓу Москва и Вашингтон се движи кон опасна ескалација

Ветришта на воен судир меѓу големите сили во Сирија.

Воени маневри во сиријските води. Најмалку еден американски воен брод наоружен со самонасочувачки ракети се движи кон сиријскиот брег, пишуваат Вол Стрит Џурнал и турскиот весник Хуриет. Доналд Трамп го откажа закажаното патување во Јужна Америка, токму за да се посвети на Сирија, откако вчера најави силен одговор против режимот на Башар Асад и наводниот напад со хемиско оружје во Дума, каде животот го изгубија десетици лица.

„Ќе донесеме одлука вечерва или набрзо потоа и ќе ја слушнете одлуката, но не смееме да дозволиме слични злосторства на какви што бевме сведоци“.

Според Хуриет неколку руски воени авиони ниско го надлетале американскиот уништувач Доналд Кук, во намера да го попречат воениот брод.

Ердоган пак, строго го осуди масакрот во Дума, проколнувајќи ги извршителите.

„Да, ги проколнувам тие што го извршија масакрот во источна Гута, Дума. Ги проколнувам. Кој и да го сторил, кој и да го направил овој масакр дефинитивно ќе плати висока цена за тоа“.

Воената тензија меѓу Москва и Вашингтон се движи кон опасна ескалација, иако американскиот воен брод и понатаму е во меѓународни води, на 100 километри од сиријското пристаниште Тартус.

Американската морнарица не ги потврдува воените маневри, додека специјалниот пратеник на Путин на Блискиот Исток, Михаил Богданов ги смирува страстите, убеден дека разумот ќе превладее над лудилото.

Од воено поле на политичкото.

Во меѓувреме САД доставија предлог резолуција до Советот за безбедност на ОН, з акреирање на нов независен механизам за испитување на употребата на хемиско оружје во Сирија. Документот за кој се очекува да се гласа вечерва, најверојатно ќе добие вето од страна на Русија. Се очекува и Москва да достави сопствена резолуција за истрага од страна на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ