Во вечноста замина легендарниот Оливер Драгојевиќ

Повеќе од половина век Оливер Драгојевиќ создаваше музика за секое срце. Милиони луѓе беа вљубени во славните песни „Опрости ми папе“, „Галеб и ја“, „Цесарица“, „Веруј у љубав“..Нема човек што не се пронајде во текстовите од неговите 23 музички албуми. И за болка, тага, и за радост и веселба, големи или кратки романси, летни авантури – песните на Оливер ќе останат да раскажуваат многу приказни.

Вистинската пејачка кариера, Драгојевиќ ја почнува во 1974-та, а една година подоцна ја освои публиката со шансоната „Галеб и Ја“.

И истата година, почнува соработка со композиторот Зденко Руњиќ, од која останаа снимени 200-те песни. И по распадот на Југославија, Драгојевиќ остана обожуван од сите. Денеска нема човек, од политичар до неговите колеги, кои не се простуваат од легендарниот пејач.

„Големите никогаш не умираат“ – ќе напише славната Јосипа Лисац.

„Со Оливер замина и дел од нас, ништо веќе нема да е исто“, пишува Јасна Злокиќ.

„Постојат работи во животот кои едноставно „постојат“ и го прават животот – утринското кафе, дождот, сонцето, Оливер …се збогува млчадиот колега Петар Грашо.

„ Морам да ти признаам дека те сакам како да си ми татко, а по душа понекогаш ми беше и како помлад брат. Од тебе најмногу учев, затоа што и најмногу добив“, пишува Тони Цетински и додава „Бакни ми го Тоше и испејте една за сите времиња“…

Благодарност и од пејачот Горан Каран. „Со твојот глас, тагата ми беше потопла, и секоја болка некако поубаво ме болеше“, е делот од неговата долга порака…

Но, од Оливер не се простуваат само неговите колеги, туку и обичните луѓе кои со годиниуживаа во неговата препознатлива музика, која потсетуваше на сонце и море…Меѓу обожавателите беше познат не само по убавината на песните, туку и како многу едноставен, симпатичен и вечно насмеан човек. Едно е сигурно – песните на Оливер ќе се пеат уште долго по неговата рана смрт.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ