Во Сао Паоло погребите на починати од корона вирусот се на секои 10 минути

Епидемијата со корона вирусот царува во Бразил. Најпогоден е Сао Паоло, а од најдобро опремената болница пристигнуваат лоши вести – место за кревети повеќе нема, а пациентите умираат по ходниците. Локалните власти тука инсистираа на носење маски, но сепак бројот на починати е шест илјади, а заразени се повеќе од 76 илјади.

Болеста најмногу се прошири во малите фавели, чии улички се тесни и густи, поради што заразата од овој дел од градот многу брзо се пренесува. Но, луѓето тука се изолирани, а право на бесплатно тестирање имаат само заболени кои имаат по три симптоми. Затоа, многу случаи остануваат неоткриени, и според жителите тестирањата се обиќно кога болниот е веќе во одмината фаза на болеста. Во најголемата фавела неделава е изградена полска болница, каде луѓето ќе можат побрзо да ја добијат медицинската помош.

  • Уште многу ќе починат. Неделава беше отворена полска болница во Хелиополис, и веќе има пациенти, а се очекува да биде преполна за еден месец.

Во брдата над Сао Паоло, на гробиштата има бескрајно нови ровови, и погреби се одржуваат на секои десет минути.

  • Има многу случаи, луѓето ставаат слики на социјалните медиуми од луѓето кои починале. Само во изминатава недела од КОВИД 19  ми починаа тројца познаници.

Бразил имаше два месеца да види како пандемијата влијае на целиот свет, но доказите за ширењето на КОВИД 19 и ужасот кој го носи, не влијаеше на власта. За претседателот Жаир Болсонаро, ковид 19 е мал грип, и ги повика фирмите повторно да се отворат.  Бразил од вчера ја надмина и Русија и е на второ место во светот со над 365 илјади заразени. За 24 часа регистрирани се нови 16 илјади, а во истовреме бројот на починати достигна 23.000. Бразилските научници се надеваат дека новиот тест кој го открија ќе помогне болеста да се открие пред време, без да покаже лажно негативен резултат.

Америка, која се уште е прва по бројот на заразени, одлучи да забрани влез на патници кои во изминативе две недели престојувале во Бразил. Мексико е уште една држава од латинска Америка каде расте бројот на инфекциите од ковид 19. Но, и покрај секојдневниот раст, сепак властите одлучија да ги намалат рестриктивните мерки. Докторите тврдат дека врвот на заразата во овие земји допрва ќе се достигнува.

Во меѓувреме, болеста полека стивнува во европските земји. Шпанија и Италија, кои беа најпогодени држави во Европа, од денеска ги отворија терасите од кафулињата, и полека влегуваат во следната фаза од новата нормалност. Но, маските и социјалната дистанца остануваат задолжителни.

 

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ