
Во Романија референдум за промена на уставната дефиниција на семејството
Романци денеска и утре гласаат на референдум за промена на уставната дефиниција на семејството, која ќе го отежне легализирањето на истополови бракови. Граѓанската иницијатива за промена на Уставот, е со цел да се детализира дека семејство се заснова врз основа на брак меѓу маж и жена, а не меѓу сопружници, како што е во моментов. Влијателната романска православна црква ја поддржува иницијативата. За да биде валиден на Референдумот треба да гласаат 30 отсто од регистрираните гласачи. Предложената промена ќе го спречи секој обид да се легализира истополовиот брак. Романскиот закон веќе ги забранува браковите од ист пол. Противниците велат дека новата уставна дефиниција е обид да се издејствува ЛГБТ луѓето да се чувствуваат како граѓани од втор ред и да ги маргинализираат домаќинствата предводени од самохрани родители или од невенчани парови кои ги воспитуваат децата.