
Во ОН почнуваат преговори за светски договор за миграции
Државите членки на ОН, со исклучок на САД, денеска ќе почнат преговори за постигнување светски договор за миграции, кој треба да биде потпишан во декември во Мароко. Договорот нема да биде првано обврзувачки.
Шест круга на преговори ќе се спроведат до јули, по еден секој месец. Целта е да се постигне договор, кој потоа официјално ќе биде потпишан на средбата на врвот во Мароко на 10 и 11 декември, велат дипломати.
Целата на иницијативата е да се засили соработката во областа на меѓународната миграција во сите нејзини димензии, се вели во проектот на договорот.
Нацрт-договорот, кој потсетува на Парискиот договор за климата, го почитува „суверенитетот на државите“, истовремено признавајќи дека „ниту една земја не може сама да се справи со миграцискиот феномен“.
– Од суштинско значење е меѓународната миграција да не обединува, наместо да не разединува, се подвлекува во нацрт-документот.
САД, кои имаат затегнати односи со Мексико кога е во прашње миграцијата, објавија на крајот на 2017 година дека се изземаат од договорот поради одредбите во него, кои и противречат на новата имиграциска политика на претседателот на Доналд Трамп.
Унгарија размислуваше да го следи примерот на САД, но се откажа, велат дипломатски извори.
Во нацрт-договорот се зборува за „взаемно разбирање“ по миграцискиот феномен и за неопходноста тој да генерира „споделена одговорност“ и „единствени ставови“.
Во документот има 22 конкретни мерки, како собирање на податоци за мигранти, обезбедување документи за нивна идентификација, обезбедување на специјална грижа за жените и децата, достапност до социјалните услуги за мигрантите, како и мерки против дискриминацијата.