Во Косово тензично, но мирно, Могерини попладнево пристигнува во Белград

Претставниците на Српската листа предводени од претседателот Горан Ракиќ денеска најавија напуштање на Владата и формирање на заедницата на српските општини Косово на 20 април. Одлуката била донесена по консултациите со српскиот претседател Александар Вучиќ, по вчерашните случувања во Косовска Митровица каде во акција на специјалната косовска полиција беше уапсен директорот на канцеларијата за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ.

„На брутален и насилен начин го нападнаа нашиот народ на северот на Косово и Метохија со целосно јасна цел, со насилство, терор и заплашување, со фаланга вооружена до заби, со вооружени сили да го заземат и окупираат северот на Косово“, изјави од Белград Ѓуриќ.

Денеска состојбата во северно Косово е напната, но мирна. Со барикади блокиран е магистралниот пат од Косовска Митровица кон Рашка во Србија, а на административниот премин Јариње се блокирани десетици товарни возила. Во Белград попладнево ќе допатува и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини на средба со претседателот Вучиќ со кого ќе разговара за продолжувањето на дијалогот со Приштина.

„Високата претставничка и потпретседател Могерини е во контакт на нејзино ниво. Синоќа разговараше со двајцата претседатели, Вучиќ и Тачи. Контакти се одвиваат исто така и на други нивоа, мислам дека синоќа јасно посочивме дека ги повикуваме властите на двете земји, Косово и Србија да ја покажат потребната воздржаност и зрелост за тековната ситуација на теренот во Косово не ескалира дополнително“, рече портпаролката Маја Коцијанчиќ.

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска ќе се состане со сите претставници на дипломатскиот кор во Србија и со претставниците на повеќе меѓународни организации, меѓу кои и на ОН, ЕУ и ОБСЕ.

Косовските специјални полициски сили се повлекоа од северниот дел на Косовска Митровица, но се уште се присутни во јужниот дел од градот. Во синоќешната акција на која беше приведен Ѓуриќ, повредени се 32 лица, од кои потешко се повредени пет лица меѓу кои е и косовскиот министер за земјоделство Ненад Рикало.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ