Во катастрофален пожар во историскиот дел на Дака загинаа најмалку 70 луѓе

Дел од историскиот центар на Дака, главниот град на Бангладеш е целосно уништен, во огнената стихија која избувна изутрината, згаснаа повеќе од 70 животи, 50 луѓе се повредени, а некои се борат за живот. Пожарот, избувнал во четирикатна станбена зграда и брзо се проширил на останатите објекти, каде според медиумите во Бангладеш имало магацини на хемикалии и пластика, односно супстанции кои лесно и брзо горат.

Во квартот Чавкбазар во стариот дел на Дака, каде во тесните улички има продавници и ресторани, а на спратовите живеалишта, денеска се слуша плач и лелек ова е местото каде роднините на загинатите и повредените трагаат по своите најблиски. 400 години стариот дел кој датира од Монголскиот период е претворен во урнатина, на улиците зјаат црни остатоци од уништените објекти од каде спасувачите ги вадат телата на настраданите. Луѓето пред чии очи се случила огнената експлозијата сведочат за страотните слики.

Најголем број од жртвите се пешаци, купувачи или гости кои настрадале по експлозијата на неколку плински боци, по што огнот ги зафатил околните згради. Големиот сообраќаен метеж ги спречувал пожарникарите брзо да стигнат на местото на пожарот. Првиот човек на противпожарната служба, која девет часа се бореше со огнот, вели дека бројот на жртвите може да се зголемува, бидејќи потрагата се уште трае.

  • До сега пронајдовме 70 мртви тела. Тие се испратени во болницата до Дака, а ние спасивме 41 повредено лице, кои се испратени во болница. Операцијата на гаснење на пожарот завршува и е во последна фаза. Во тек е расчистување на урнатините, рече Шакил Неваз, директор на противпожарната служба.

Слична огнена катастрофа се случи во Дака во 2010 година. Во пожарот во станбена зграда во која исто така имало складирано хемиски супстанции, тогаш загинаа 120 луѓе.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ