
Во драматичен стил Доналд Трамп го одржа говорот за Состојбата на унијата
Повеќе од еден час, американскиот претседател Доналд Трамп ја фалеше својата администрација, и постигнатите резултати кои, како што рече, се најдобрите во модерната американска историја. Нашата нација е посилна од кога било, рече Трамп.
Годините на економско назадување се завршени. За само три години, го разбивме менталитетот на американското опаѓање, отфрлена е идејата за намаленото остварување кое ни го одреди судбината. Целосно го отфрливме намалувањето. Одиме напред по патека која беше незамислива пред кратко време, и никогаш нема да се вратиме на тоа, рече Трамп.
Третото обраќање на Трамп беше можност и да испрати порака за повторен избор. „Единствените победи кои се важни тука во Вашингтон се победите за Американците“, рече Трамп набројувајќи ги економските резултати, зголемните вработувања кај младите, а невработеноста на ветераните паднала на рекордно ниско ниво. Свесен за камерите, и самиот поранешен телевизиски продуцент, пораката која ја испрати Доналд Трамп беше дека ги исполнил сите ветувања, и сега се обидува да ги убеди Американците да му дадат уште еден мандат.
Беше насочен кон луѓето кои можеби се чувствуваат економски посигурни отколку пред 4 години, но се уште не им се допаѓа начинот на кој претседателот Трамп ги извршува секојдневните должности. И всушност како да се препира со нив „ако ви се допаѓаат работите, не ги менувајте“, оценува Зек Милер, дописник од Белата куќа за Асошиејтед прес.
Ова беше првпат, претседателот да се сретне лице во лице со претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, највисоката политичарка од редовите на демократите, откако таа го почна процесот на негово отповикување. Така, во сенка на говорот, останаа двата детали, едниот на почетокот кога Трамп и ја предаде копијата од говорот и одби да се ракува со неа…а другиот беше на самиот крај, кога Пелоси го искина на парчиња.
За аналитичарите, ова е показател за најголмата политичка поделба во изминативе 40 години.
Тензиите секако се разгореа во овој момент и се еден вид рефлексија каде се наоѓа политиката во земјава, оценува Милер.
Трамп ниту еднаш не го спомна отповикувањето, а говорот го заврши со зборовите „најдоброто допрва доаѓа“. Веројатно мислејчи на тоа што постапката за имипичментот во сенатот ќе заврши во среда со негово сигурно ослободување.
Говорот често беше прекинуван со аплауз и навивачки извици од републиканците, додека Демократите седеа во камена тишина. Но, тоа беше неважно за Трамп – тој се уште ужива позитевен тренд, според најновите анкети, има поддршка од 49% од Американците , што е највисок процент откко влезе во Белата куќа.
Алиса Шутиноска