
Во дел од земјите во западна Европа се размислува за враќање на животот во нормала
Претседатели и премиери на државите од Европската унија утре ќе се вклучат на видео-конференција и на највисоко ниво ќе одлучуваат за мерките за справување со економската и социјална криза предизвикана од пандемијата. Состанокот е на повик на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за лидерите утре да дадат зелено светло на предлогот на министрите за финансии.
Предложен е пакет од 540 милијарди евра и други мерки за спас на приватните компании и на работниците, за тие да можат да работат до први јуни годинава. И додека властите размислуваат како да ги намалат штетите, во светот секојдневно се бројат нови потврдени позитивни на Ковид-19. Впечатливи се бројките од Германија каде во еден ден се регистрирани 2237 позитивни и со тоа вкупната бројка во оваа земја достигна повеќе од 145 илјади. Битката со болеста во едно деноноќие ја изгубиле 281 пациент.
Во други земји во западна Европа, пак, се размислува за враќање на животот во нормала. Надлежните во Франција се консултирале со наставниците и планираат училиштата да се отворат повторно кон средината на мај. Ако се оди според планираното, први во училишните клупи ќе се вратат децата од 5 до 7 годишна возраст, како и оние во последната година од основното училиште. Процесот на враќање ќе биде во повеќе фази и ќе трае три недели. Во Шпанија, властите размислуваат за уште едно продолжување на вонредната состојба, а олеснување на мерките најавуваат за втората половина на мај.
Петар Догов