
Во бугарски камион во Британија пронајдени тела на 39 лица
Тела на 39 лица се пронајдени во камион во британскиот град Грејс во близина на Лондон. Камионот со телата, за кој е утврдено дека пристигнал од Бугарија во неделата, е откриен рано изутринава во индустрискиот парк Вотерглејд.
Отворена е истрага за убиство а возачот на камионот, 25 годишен маж од Северна Ирска беше уапсен под сомнение за убиство и останува во притвор. Во овој момент немаме утврдено од каде се жртвите ниту пак нивните идентитети и очекуваме ова да биде долготраен процес,
изјави Пипа Милс, заменик шеф на полицијата во Есекс.
Според полицијата возилото влего во Британија преку пристаништето Холихед во Велс, на другата страна од Британскиот остров. Тоа е нестандардна рута за влез во Британија од Европа, но експертите посочуваат дека возачот можеби се обидувал да ги избегне темелните контроли кои по мигрантската криза беа воведени во Довер и Кале. Полицијата во Есекс посочи дека токму точката на влез заедно со утврдувањето на идентитетот и националноста на жртвите ќе бидат приоритет за истрагата.
Како што реков се уште сме во рана фаза на истрагата но очигледно тоа ќе биде клучна насока за истражување. Ако некој има било каква информација за камионот и неговото движење од влезот во државата на 19 октомври, го молам да не контактира,
повика Милс.
Британската полиција постојано открива загинати мигранти кои на секаков начин се обидуваат да влезат во Обединетото Кралство. Но ова е несреќа со највисок број на загинати по таа во 2000-та година, кога во Довер беше откриен камион со тела на 58 кинески мигранти.
Игор Трајков