
Во Британија издаден првиот пасош без логото на ЕУ
Додека Велика Британија се обидува да го продолжи својот престој во Европската Унија, по се изгледа британските пасоши не го следат тој пат. Деновиве е издаден првиот пасош на кој повеќе не пишува Европска Унија на предната корица.
Во меѓувреме, продлжуваат разговорите меѓу власта и опозицијата во Лондон за да се реши застојот околу Брегзит. И покрај најавата на опозициските Лабуристи дека во разговорите нема напредок, бидејќи владејачките конзервативци не нудат промени или компромис, денеска канцеларот Филип Хамонд е оптимистичен и очекува некаков облик на договор.
- Разговорите со Лабуристичката партија продолжуваат. Продолжија и соноќа. А денеска очекуваме да размениме некакви текстови со Лабуристите. Ова е активен процес и оптимист сум дека ќе постигнеме договор, вели канцеларот на Велика Британија, Филип Хамонд.
Хамонд вели дека нема црвени линии во преговорите со опозицијата. Но, крајниот рок за излез од унијата е 12-ти април. А досега ниту еден предлог на премиерката Меј не е поддржан од парламентот. Таа во среда треба да се сретне со клучните ликови од Брисел за нејзното најново барање да се пролонгира рокот за излез до 30-ти јуни. Но, се дотогаш извесно е Велика Британија да се одвои од унијата без постигнат договор. Свесни за овој факт, и бизнис заедницата се подготвува. Подводниот Еуротунел кој ја поврзува Велика Британија со европксото копно веќе е подготвен за ова сценарио.
- Подготвивме некои чекори за процесот. Камионот кој ќе пристигне, наместо да помине низ границата без контрола, ќе застане тука зад нас, имаме бариери да ги задржиме, ќе ги изведеме сите безбедносни проверки и во исто време ќе ги скенираме нивните документи за царина, вели Џон Кифи, шеф за односи со јавноста на Еуротунел
Премиерката Меј се надева дека ова нема да се случи. Посебно откако вчера од Брисел наводно добила понуда која не може да се одбие. Наводно претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, ќе предложи 12-месечна флексибилна екстензија на Брегзитот, со можност овој период да биде скратен, доколку Парламентот во Лондон, конечно усвои некој план.
Алиса Шутиноска