Во борбата помеѓу Алах и доларот, губитникот е Ердоган – Султанот со закани до Трамп

Откако се обрати до Алах, па до својот народ во обид да го смири, Ердоган со колумна во Њујорк Тајмс се обрати и до Трамп, кој вчера ги дуплираше царините за Турција и дополнително ја сруши турската лира.

Доколку САД не ја променат тенденцијата на унилатерализам и недостигот на почит ќе бидеме приморани да бараме нови пријатели и сојузници, ќе напише Ердоган во колумната.

„Унилатералните потези на САД во однос на Турција ќе послужат само за ослабнување на интересите и безбедноста на Америка. Пред да е премногу касно, Вашингтон треба да се откаже од идејата дека нашите односи се асиметрични, и да го прифати фактот дека Турција има алтернативи“.

Вчера економскиот судир меѓу Вашингтон и Анкара кулминираше. Доналд Трамп ги дуплираше царините за Турција, меѓудругото и како одговор на турското апсење на американскиот евангелиски свештеник Андру Брансон кој е во домашен притвор веќе месец дена.

Ердоган беше приморан да излезе пред јавноста во обид да ја смири. Пред економската војна која султанот нема намера да ја загуби, Ердоган се повика на народот и на господ, и ги покани турците да ги менуваат доларите, еврата и златото што ги чуваат под душеците.

„Не се грижете. Ако некој има долари, евра или злато под перниците, тогаш треба да отидат во нашите банки и да ги сменат во турски лири. Ова е национална, домашна борба. Тоа ќе биде одговорот на мојот народ пред оние кои ни водат економска војна“.

Но, Алах слабо помога во кризата, во економијата и политиката, правилата на игра се земски и профани. Турците не одговорија на апелот на султанот, и низ целата земја е трка во менувачниците со цел луѓето да се ослободат од домашната валута.

Од почетокот на годината, турската лира загуби дури 40 проценти од својата вредност, создавајќи галопирачка инфлација и загриженост кај луѓето. Кризата не е само монетарна, туку и политичка и меѓународна. Султанот го постави сопругот на својата ќерка за министер за финансии во обид да ја контролира турската економија и монетарна политика, додека на политичката шах табла си мислеше дека може да ја уценува Америка.

„Ниските каматни стапки и грижите за турската економија веќе ја направија Турција ранлива кон глобалните и локалните шокови. Плус, во таква средина, шокот дојде од турско-американските односи, што значи, структурни проблеми, поддршката од Централната банка на Турција, плус проблемите со САД, сите дојдоа заедно и создадоа совршена бура“, кажа Бурак Канли, главен економист од КјуНБ Финансинвест.

Сега Ердоган ја игра последната карта, заканувајќи се дека ќе излезе од западниот безбедносен систем и ќе бара нови сојузници. Но, ни на потенцијалните нови сојузници не им оди најдобро. Русија и Иран се подеднакво под американски санкции, кои и понатаму се покажуваат како ефикасно оружје против популистите и режимите. Турската, руската и иранската економија се сите подеднакво заглавени во длабока економска криза.

На султанот му останува да му се јави на Путин. Царот веќе ја спаси турската летна сезона, ослабена од западни туристи поради став од атентати, испраќајки патници од Санкт Петерсбург на плажите во Бодрум. Но, малку што повеќе може да направи Москва освен да ги зајакне трговските врски со Анкара.

Анкара е во очај. Инфлацијата веќе е преку 15 проценти. Невработеноста достигна дупла цифра. Трговскиот биланс е во дефицит, а султанот одбива да ги зголеми каматните стапки и даден е во една скапа и непродуктивна градежна експанзија.

Очајот е дотолку поголем, што веќе се поголем борј луѓе во Анкара размислуваат дека е време Ердоган да го земе телефонот и да се јави Вашинготон, барајќи заем од Меѓународниот монетарен фонд.

Мерка која султанот од секогаш ја отфрлал, барем до сега.

Во борбата помеѓу Алах и доларот, губитникот е токму Ердоган.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ