Властите во Лондон ги потврдија кризните планови од тајниот документ „Операција Јелоухамер“

Владиниот таен документ кој го објави Сандеј Тајмс за лошите последици од Брегзит без договор е сценарио за најлош случај. Мора да работиме и на тој случај – дека Велика Британија може да ја напушти ЕУ без договор, на 31-ви октомври. Ова го вели министерот задолжен за подготовка на државата во случај да нема договор.

  • Во овој случај, како што знаат сите, ако имаме излез без договор, неизбежно ќе има нарушувања, препреки на патот. Затоа сакаме договор. Но, исто така британската влада е многу поподготвена сега, за разлика од порано, и важно е за луѓето да знаат дека тоа што е опишано во документот и „Операција Јелоухамер“ е најлошото можно сценарио, изјави министерот одговорен за Брегзит без договор, Мајкл Гоув.

Сепак, Сандеј Тајмс пишува дека тајниот документ, кој протече во јавноста со кодното име Операција Јелоухамер, има и поднаслов – „можни претпоставки“ како и „основно сценарио“, а не како што обајснува министерот „најлошо можно сценарио“. Весникот го цитира својот извор, дека станува збор за документ во кој владата реално ги очекува тие факти. Меѓу најсериозните се дека Брегзит без договор значи дека британците ќе се соочат со недостаток од свежа храна, поради што цените ќе растат, недостаток на гориво и лекови, дури и немање залихи на свежа вода, поради тоа што ќе се наруши царината за увоз на хемикалии со кои се испитува водата.

И опозициските Лабуристи, кои се обидуваат да го одложат Брегзит и да организираат влада на национално единство, не веруваат во оправдувањето на министерот Гоув.

  • Ова е нешто за што се има многу јасни проекции, многу јасни претпоставки за тоа што може да се случи, смета Ник Томас од Лабуристичката партија.

Дека е се поизвесно напуштање на унијата без договор е и денешното потпишување на уредбата со која се укинува Бриселскиот акт од 1972-рата година. Ова значи дека сите закони од ЕУ кои се спроведуваа во Велика Британија, повеќе нема да важат. А уредбата стапува на сила на 31-ви октомври – денот на официјалниот развод на Лондон и Брисел. Брегзит без договор би било чиста лудост, повикува голем дел од јавноста, но и Брисел, иако од таму најавуваат дека се подготвени на се.

  • Подготвени сме за се, можам да кажам, дури и да не постигнеме договор. Но, ќе сторам се што е во мојата моќ да најдам решение до последниот ден од преговорите. И верувам дека е подобро да се замине со Договор. но, ако не се случи тоа тогаш сме подготвени и за ова сценарио, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

Британскиот премиер Борис Џонсон неделава ќе се сретне со Меркел и Макрон и убедливо ќе им соопшти дека Велика Британија си заминува на 31-ви октомври без оглед на се. Ќе им каже дека Лондон може да се врати на договор, ако Брисел го отвори повторно договорот кој го потпиша неговата претходничка. Но, за ова шансите се мали.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ