
Владејачката партија во ЈАР бара повлекување на Јакоб Зума од функцијата
Владејачката партија во Јужноафриканската Република, Африканскиот национален конгрес (АНЦ), на претседателот Јакоб Зума му даде рок од 48 часа да поднесе оставка од функцијата шеф на државата.
– Владејачката АНЦ одлучи да го „отповика” или да го отстрани од функција претседателот Зума, изјави висок извор од владејачката партија, по бурната 13-часовна седница на високото партиско раководство.
Националниот извршен комитет на партијата има овластување да му нареди на Зума да се повлече како шеф на државата, иако некои медиуми шпекулираат дека тој може и да не го почитува нивното барање.
– Одлучивме да го отповикаме Зума. Тоа уште не му е кажано. Лидерот на АНЦ, Сирил Рамафоза отиде да разговара со него и откако се врати, имаше остри и тешки и дискусии дали да го отповикаме, изјави истиот извор.
Претходно, државното радио Ес-Еј-Би-Си, соопшти дека кон средината на седницата, Рамафоза заминал на средба со Зума и му го предал барањето на раководството на АНЦ тој да поднесе оставка во рок од 48 часа.
Вториот мандат на 75-годишниот Зума како шеф на државата истекува во средината на 2019 година, а тој се уште не соопштил на јавноста дали ќе се повлече доброволно.
Откако Зума стана претседател во 2009 година, коруптивни скандали постојано се поврзуваат со неговото име.
Доколку поднесе оставка, на функцијата ќе го замени 65-годишниот Рамафоза, кој во декември беше избран за лидер на АНЦ откако ја победи поранешната сопруга на Зума – Нкосазана Дламини-Зума, која претседателот ја фаворизирал.