
Венецуела се соочува со мигрантска криза од размерите на Медитеранската во 2015
Агенцијата за миграција на ООН предупреди дека Венецуела се соочува со мигрантска криза во размери на медитеранската од 2015-та година. Предупредувањето од светската организација доаѓа по обидите на соседните држави на Венецуела да го запрат неконтролираниот прилив на мигранти поради економската криза во земјата. Перу веќе воведе построг систем на гранична контрола додека уставниот суд на Еквадор го запре обидот на владата за зајакнување на граничните онтроли.
„Дојдовме да потврдиме и да видиме како се регистрираат странците во земјава, особено Венецуелците и исто така да ги активираме системите за отисоци и фото регистрација во одделот во Тумбес“, вели перуанскиот министер за внатрешни работи Мауро Медина.
Од почетокот на економската криза во 2014, Венецуела ја напуштиле повеќе од 2 милиони граѓани. Бегајќи од бескрајните недостатоци на храна, лекови и основни продукти, Венецуелците подобар живот бараат во соседните земји.
„Благодарни сме за грижата која ни ја пружија, како нашите пријатели во Перу не примија. Тие се најдобрите, незаборавни. Да не ги заборавиме ниту големите срца на Колумбијците“, вели мигрантот Карлос Родригез.
95 проценти од приходите во државниот буџет доаѓаат од извозот на нафта, и со тие средства во странски валути земјата ги увезуваше сите потребни продукти. Токму поради тоа, наглиот пад на цената на нафтата во 2014 година, жестоко ја погоди Венецуела, нагло се појави недостаток на странски валути и оттогаш ситацијата во земјата се влошува од ден во ден. Инфлацијата е незапирлива и во моментов е над 83.000 проценти а очекувањата се дека до крајот на годината ќе надмине 1 милион проценти.
„Еве што успеав да купам: две банани и седум домати, тоа е количеството на зеленчук што може еден Венецуелец да го купи со минималната месечна плата. Тука нема образование, нема услуги“, вели Ана Седено, жителка на Каракас.
Локалните невладини организации предупредуваат дека ситуацијата со мигрантите од Венецуела е пред ескалирање што се покажува и со судирите на бразилската граница.
Игор Трајков