Ватиканската библиотека најстара во светот

Потпишан транскрипт од судењето на Галилео Галилеј поради ерес, барањето на Хенри 8 за поништување на бракот со Катарина Арагонска, писмата на Микеланџело дека не е исплатен за својата работа во Сикстинската капела, писмата на Моцарт се само некои од документите кои се чуваат во Ватиканската библиотека . Ватиканските тајни архиви пак се најмистериозното место на светот. Сопственик на единствениот клуч на архивот е папата и по неговата смрт го наследува следниот папа. Се разбира постојат и одредени цивили кои можат да влезат во Ватиканскиот архив  но само во придружба на свештеници и двајца чувари.

Во Ватикан се наоѓа и една од најстарите и најбогатите библиотеки во светот. На овие полици се чува и најбогато опремената „Библија“ во светот, која е украсена со минијатури во чија изработка се потрошени 1, 5 килограми злато.

Сместена е во срцето на Ватикан, зад куполата на катедралата Св. Петар. Тука се сместени повеќе од милион и пол печатени книги,  150.000 ракописи, бројни инкунабули, потоа гравури и мапи, илјадници златници и медаљи. Библиотеката како куриозитет содржи и 25.000 автограми.

Ватиканската библиотека која во средината на 15 век ја основал папата Никола 5, разоткрива бројни документи кои се клучни за развојот и разбирањето на западната цивилизација. Поголем дел од тие документи воопшто и не се со религиски карактер.

Уште во 4 век н.е. постојат докази за постоење на кутии во кои се чувале книгите на Римската црква кои во прво време претставувале еден вид на архив кој подоцна прераснал во библиотека. Периодот кој може да се смета за почеток на модерната историја на Ватканската библиотека е средината на XIV, кога Папите се вратиле во Рим. Подоцна Никола V  решава латинските, грчките и еврејските ракописи чиј вкупен број за време на неговото владеење значително расте да им бидат достапни на научниците за нивно проучување. Вратите на Ватиканската библиотека за научниците се прв пат отворени пред речиси 140 години, малку подоцна беше изградена и читална која се уште работи.

Долгите редици посетители кои уште во рани зори чекаат да ги разоткријат сите убавини и мистерии на Ватиканските музеи говорат за интересот кој никогаш не стивнува. Сепак нивната посета на Ватиканската библиотека е невозможна, бидејќи доколку сите би влегле во неа се доведува во прашање безбедноста на сето тоа што таа го содржи.

Во Ватиканската библиотека важи правилото:  не е важно да се соберат сите книги кои постојат, туку доволно е да се имаат најдобрите книги и ракописи кои имаат врска со историјата на христијанството, без оглед дали се работи за источното или западното христијанство.

Со префектот Леонард Бојл рачната каталогизација се зменува со електронска во наредните години. Во септември 2002 година за јавноста беше отворена новата читална, каде што најважниот материјал на Библиотеката е достапен за читателите на отворени полици.

Реконструкцијата на Ватиканската библиотека започна во 2007 та година и траеше три години. Во неа е инсталирана најсовремената безбедносна опрема, која беше неопходна поради пукнатините кои се појавија на зградата изградена во 16 –от век. Во обновата на просториите, меѓу кои и читалната украсена со фрески библиотеката доби и електронски систем за контрола на користењето книги со што се знае во секој момент каде се наоѓа секоја книга и за да се спречи нивно изнесување.

Ватиканската библиотека ја користи НАСА технологијата за дигитализирање на 80 илјади ракописи, со што стана првата културна установа во светот која за организација на дигиталните архиви го користи универзалниот флексибилен систем за пренос на слика. Форматот ФИТС се користи и во биомедицината и во нуклеарната медицина. Конкретно сите резултати на компјутерската томографија се чуваат токму во тој формат. Бидејќи голем број книги се украсени со злато и сребро неопходна е посебна опрема за нивно скенирање.

 

Нина Стефанова

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ