„Вашингтон пост“: Турција поседува снимки од убиството и касапењето на телото на новинарот Кашоги

Вашингтон пост“, за кој пишуваше и самиот Џамал Кашоги, тврди дека постојат наводно тонски и видео-снимки кои докажуваат дека исчезнатиот новинар пред една и пол недела бил убиен во саудискиот конзулат. Американскиот весник се повикува на информации од турски и американски официјални извори. Турција, наводно се двоуми околу објавувањето на снимките за да не открие на каков начин се шпионирани странските дипломатски и други претставништва во земјата. Нејасно е и дали американската страна имала пристап до доказниот материјал. Но, турската влада ги уверила претставниците на американската влада дека поседува компромитирачки снимки, кои не оставаат никаков сомнеж во тезата за убиство на новинарот, тие покажуваат како саудиски безбедносни службеници го фаќаат Кашоги, го убиваат и го касапат неговото тело.

Аудио снимката појаснува што се случило откако Џамал влегол во конзулатот, истакнал анонимен извор. Може да се чуе неговиот глас и гласовите на луѓето кои зборат на арапски. Може да се чуе дека е испрашуван, мачен а потоа и убиен.

Дополнително се дознаваат морбидни факти за смртта на новинарот. Убиство за кое е одговорна команда со ни повеќе ни помалку, 15 луѓе испратени од Ријад. Кашоги со сила бил фатен во канцеларијата на конзулот од страна на две лица, потоа тепан и измачуван во соседната просторија и на крај убиен.

Според други извори постојат и снимени разговори каде принцот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, наредува новинарот, инаку познат за своите критики кон саудиската монарјхија, да биде киднапиран и уапсен. Ваквите информации не ги оставија индифеентен американскиот конгрес, кој побара од Белата Куќа да побара Ријад јавно да објасни што се случило. Американскиот претседател Доналд Трамп најави отворање на истрага, но ја исклучи можноста дека ќе дојде до прекин на продажба на оружје на саудиското кралско семејство, со кое инаку Трамп и неговото семејство одржуваат блиски економски и трговски односи.

Прашањето кое што се поставува е со какви режими и луѓе, демократскиот Запад всушност соработува. Убиството на Кашоги повеќе не е прашање на караница меѓу Турција и Саудијците. Темните облаци и некој вид на морална одговорност највеќе ќе надвиснат над Белата Куќа и Доналд Трамп, човекот кој го создаде принцот Мохамед бин Салман, тој што го промовираше и тој што ја преврте целата тежина на американската надворешна политика, на воениот и безбедносен естаблишмент, ставајќи го на располагање на принцот и правејќи од Саудиска Арабија сојузник од прв ранг.

Трамп, младиот принц го нарекува „нашиот човек“. „Го ставивме нашиот човек на врвот“, ќе изјави Трамп, тврди новинарот Мајкл Вулф во својата книга Оган и бес: Во Белата куќа на Трамп, која на почетокот на годината предизвика политичка бура во Вашингтон.

Трамп е тој што му дозволи на принцот неказнето да владее. Сега Трамп сигурно се прашува. Ако принцот Мохамед е способен да нарача вакво крволочно убиство на свои 33 години, и само 16 месеци откако е на власт, за какво ли лудило би бил способен еднаш кога би станал крал на земјата која е воено клучна за САД и регионот.

Крал на Саудиска Арабија не се станува без амин од Вашингтон, и сега Трамп нема премногу маневар, што да прави со својот човек во Ријад.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ