
Усвоен предлогот на опозицијата за надзорна расправа за Годишната програма за култура
Проверката утврдила дека дел од апликантите кои добиле сретства, ги формирале фирмите или здруженијата, неколку денови или месеци пред отворањето на конкурсите, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ. Проектите од недвижно културно наследство биле ограничени на 300 илјади денари, наспроти милионските суми за фризерски и други манифестации, а бесмислено е и ограничувањето на 2 пријавени проекти од институција, по одделенија во Годишната програма за култура.Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека некомпетентни биле членовите на комисиите, кои одлучувале за апликациите.
-Дискутабилен е составот на комисиите кои што одлучуваа по пријавите.Дел од членовите на комисиите се тотални анонимуси во областите за кои одлучувале.Целта на надзорната расправа е да видиме врз кои критериуми се распределувале сретствата, вели Магдалена Манаскова- член на Комисија за култура од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Никица Корубин, независна пратеничка од Владеачката коалиција, клучен проблем за вака донесената Годишна програма за култура, е примената на стариот, а не на новиот Закон за остварување јавен интерес во културата, кој чека да влезе во собраниска процедура.
-Што значи дека составот на комисиите го бира екскуливно министерот за култура. На тој начин сметам дека забелешките за нестручност на комисите, не може да бидат веродостојни според овој Закон. Во оној момент кога ние ќе имаме јасно поставени критериуми, по кои се бираат членовите на комисиите за култура, во тој момент ние можеме да зборуваме за кредибилни или некредибилни комисии, смета Никица Корубин-независна пратеничка во Владината коалиција.
Претседателката на Комисијата за култура, потсети на донесената Национална стратегија за култура, во мај, минатата година во Собранието, од која треба да произлезат повеќе нови закони, меѓу кои е и Законот за култура.
-Тоа е клучниот документ од кој треба да произлезе новиот Закон за јавен интерес во културата , кој е готов, Законот за заштита на културното наследство и редица други закони, вели Ирена Стефоска- претседателка на Комисијата за култура во Собранието на РСМ.
На седницата едногласно беше усвоена одлуката за одржување надзорна расправа следната недела за културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура, со посебен осврт на 2018 година, а беше формирана и интеркомисиска работна група од 10 пратеници, која ќе се грижи за управувањето со природното и културното наследство на Охридскиот регион.
Сотир Трајков