
Урсула Фон Дер Лајен компромисот на Европскиот совет
Германската министерка за одбрана Урсула Фон Дер Лајен е компромисното решение за претседател на ЕК, најмоќното тело во унијата. Откако пропаднаа сите други можности таа е личноста што сите европски лидери можат да ја поднесат, со оглед на нејзиното богато политичко искуство, кое од самиот почеток го поддржува токму нејзината шефица Ангела Меркел. Откако не успеа да го протне принципот прв носител или шпицкандидатот, Меркел зад кулисите ја договори својата штитеничка. Ако се потврди, Фон Дер Лајен ќе биде првата жена од Германија што ќе води една важна европска институција.
Тоа сме го немале 52 години. За сето ова време Франција имаше четворица претседатели на комисијата. Па и не можам да кажам дека ова е необична работа, порача Меркел.
60-годишната министерка со доаѓањето на чело на ЕК всушност се враќа во својот роден град Брисел, каде ги живее првите 13 години од својот живот. Нејзиниот татко Ернст Албрехт бил на високи функции во европската економска заедница, која беше предвесник на ЕУ, а потоа беше и премиер на Долна Саксонија. Студира економија во Лоднод Скул оф Економик, но под лажното име Росе Ладсон, поради страв од терористите на РАФ кои во тоа време им се закануваа на германските политичари и нивните семсјства.
По враќањето во Германија, идната министерка студира медицина, по што докторира и специјализира гинекологија. Но, во 2015 беше обвинета дека најголем дел од својот докторат го препишала. Истрагата заклучува дека докторатот има мали грешки, но сепак ја задржува титулата. Сопруга е на доктор и потомок на славното семејство индустријалци, со кој има седум деца.
Во политката влегува прилично доцна. На почетокот од 90-тите станува член на Демохристијанската партија, а на политичката сцена станува славна откако од 2005, новопечената Меркел ја поставува на неколку министерски места. Ресорот одбрана го води од пред 6 години, но вработените и префрлаат дека е дистанцирана од војската. Во моментов, министерството го потресуваат скандали во врска со превисока исплата на советнички хонорари, а и самата Фон Дер Лајен беше викната на распит. Но, Меркел стои зад неа..Важи за нејзина блиска соработничка, и голем поддржувач за имиграционата политика на канцеларката. Дури и во своето благородничко семејство прими бегалец од Сирија.
Фон дер Лајен беше дел од европските политичари кои беа во офанзива пред референдумот за промена на името во нашата земја. Таа референдумот го спореди со обединувањето на Источна и Западна Германија.
За да седне на местото на Јункер треба да биде изгласана од европратениците. Ако не добие мнозинство, се се враќа на почеток и ЕУ лидерите во рок од еден месец ќе треба да предложат нов кандидат.
Алиса Шутиноска