
Унијата ги затвара границите прв пат во својата историја
Европската комисија планира да ги забрани сите непотребни патувања во и надвор од Унијата како мерка за ограничувае на ширењето на коронавирусот. Претседателката Урсула Фон Дер Лајен рече дека на денешниот вонреден самит ќе побара од лидерите оваа мерка да стапи на сила уште денеска.
Затоа што мислиме дека непотребните патувања треба да бидат намалени сега за да не се проширува дополнително вирусот било внатре во ЕУ или со напуштање на ЕУ. Но исто така да се избегне непотребното патување за да не се направи дополнителен притисок врз нашиот здравствен систем, изјави Фон Дер Лајен.
Претходно францускиот претседател Емануел Макрон објавувајќи нови построги рестриктивни мерки побара затварање на надворешните граници на унијата.
Секој од нас мора, по секоја цена, да го ограничи бројот на луѓе со кои секојдневно контактира. Научниците велат дека тоа е апсолутен приоритет. Затоа откако ги консултирав и слушнав експертите и со јасна совесност, одлучив дополнително да ги засилам мерките да се намали нашето движење и контактите до строга неопходност, порача Макрон.
Предложените мерки, со кои за прв пат во историјата на ЕУ ќе биде ограничено движењето на луѓето во границите на унијата, ќе бидат во сила 30 денови. Слободното движење на луѓе и добра е една од основите на Унијата и мерката е во спротивност на принципите на унијата, но според францускиот претседател е оправдана затоа што Европа е во војна со вирусот.
Ние сме во војна, здравствена војна да бидеме јасни. Не се бориме против друга армија или друга нација. Но непријателот е таму, невидлив и недостижен, опстојува и бара наша целосна мобилизација. Ние сме во војна, рече францускиот претседател.
Обраќањето на Маркон го следеле рекордни 35,3 милиони луѓе, пренесуваат француските медиуми, што само потврдува дека Европјаните се свесни за сериозноста на ситуацијата. Сите европски земји воведуваат рестриктивни мерки до сега невидени во мирнодопски услови на Стариот континент, откако бројот на заболени секојдневно се зголемува. СЗО минатата недела оцени дека Европа сега е епицентарот на вирусот и ги повика владите да преземаат агресивни мерки за ставање на епидемијата под контрола.
Игор Трајков