
Унгарската полиција го уапси капетанот на крузерот
Рано утринава продолжи потрагата по 21 исчезнат патник од потонатиот туристички брод на Дунав во Будимпешта. Спасувачките екипи велат дека нема надеж некој да биде пронајден преживеан. Роднините на жртвите веќе пристигнаа во Будимпешта да го чекаат резултатот од денешната потрага. На местото на несреќата утринава пристигна и министерот за надворешни на Јужна Кореја. Полицијата соопшти деке денеска ќе бидат испратени и нуркачи од противтерористичката единица кои ќе треба да ги бараат телата во Дунав.
Синоќа е уапсен капетанот на крузерот кој го удри малиот туристички брод, при што загинаа седум јужнокорејски туристи, еден унгарец, а 21 се исчезнати. Капетанот е 64-годишен украински државјанин идентификуван како Ц.Јури од Одеса, а уапсен е поради немарност во управување во воден сообраќај што довело до масовна загуба на човечки животи, соопшти полицијата. Истрагата за несреќата е проширена и во Србија, бидејќи крузерот Викинг Сигин отпловил од Вуковар. Меѓу пронајдените тела е и шестгодишно девојче од Јужна Кореја. Ниту еден од туристите на бродот не носел елек за спасување.
Откако бил удрен од крузерот, бродот прво почнал да се полни со вода, а потоа се превртел и потонал за седум секунди, додека во Будимпешта беснеела силна бура. Остатоците од бродот Сирена беа пронајдени во коритото на реката по неколку часа пребарување во близина на мостот Маргарет, но неговото извлекување ќе трае подолго време.