Украинските сили во целосна борбена готовност, најавена воена состојба

Украинскиот парламент денеска ќе одлучи дали ќе се воведе режим на воена состојба поради ситуацијата во Керченскиот теснец. Руската морнарица вчера отворила оган кон три украински воени бродови, кои потоа ги презела. Во инцидентот повредени се шест украински морнари, од кои двајца се во критична состојба.

Како врховен командант на воените сили на Украина, и според украинскиот устав, ја поддржувам одлуката на воениот кабинет да се дискутира за воведување на воена состојба и да му се обратам на украинскиот парламент. Сакам да истакнам дека воена состојба не значи дека Украина ќе делува агресивно, изјави украинскиот претседател Петро Порошенко.

Инцидентот во водите на Кримскиот полуостров претставува најголемата ексалција во односите меѓу Украина и Русија, по анектирањето на полуостровот од страна на Москва во 2014 година. Русија тврди дека се соочува со постојани провокации и притисоци во водите околу полуостровот и ја обвини Украина за инцидентот. Но Киев тврди дека инцидентот се случил во меѓународни води и претставува агресија од страна на Русија.

По серија провокации Русија изврши акт на агресија против Украина. Моментално имаме агресија на територијата на Украина и исто така војна со Русија во меѓународни води, затоа што овој акт на агресија беше извршен во меѓународни води, рече министерот за надворешни работи Павло Климкин.

По инцидентот синоќа околу 150 лица протестираа пред руската амбасада во Киев, каде беше запалено и едно возило кои и припаѓало на амбасадата. Европската унија и НАТО ги повикаа двете страни да покажат воздржаност и да не дозволат ситуацијата дополнително да екслаира.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ