„Убиенот“ руски новинар е жив!

Рускиот новинар и писател, опозиционерот на Путин, Аркади Бабченко, вчера даден за мртов, вест која беше потврдена и од украинските власти и полиција, на општа изненаденост на присутните, денеска се појави жив и здрав на прес конференција во Киев.

Вака полицијата вчера го прогласи за мртов, додека премиерот на Украина Володимир Гројсман ја обвини Русија дека е вмешана во вчерашното убиство.

„Најмалку два истрели го убиле новинарот, презентерот на телевизискиот канал АТР. Неговата сопруга била дома кога слушнала врева и отишла до вратата каде го нашла нејзиниот сопруг облиен во крв. Тогаш ги повикала итните служби, но за жал тој починал во амбулантното возило.“, изјави Јарослав Тракало – Портпарол на Националната полиција во Украина

Но, не станува збор за морбидна шега.

Исценираната смрт на Бабченко од страна на украинските власти била всушност добро испланирана диверзија со цел да го спасат од атентат.

Благодарение на пресретнати прислушувани разговори, украинските тајни служби пред 2 месеци дознале за намерата одредени „лица однадвор“ да нарачаат убиство на новинарот Бабченко во Киев.

И тука веднаш почнува специјалната операција во која бил вклучен и самиот новинар. Операцијата на прес конференција ја објасни шефот на тајните служби Василиј Грицак.

Осомничениот извршител на убиството е уапсен утрово, а сега се трага по нарачателот. Шефот на тајната служба кажа дека неидентификуван Украинец бил платен 40 илјади долари за организација и спроведување на убиството, а бил регрутиран од страна на руската тајна служба.

Непознатото лице од своја страна пак, ангажирало свој познаник, односно уапсениот, кој се борел во сепаратистичката војна во Источна Украина, со цел да биде материјалниот извршител на убиството. Убиството требало да случи на денот на финалето на Лигата на шампиони кое се одигра токму во Киев.

Руското министерство за надворешни преку портпаролката Марија Захарова истакна дека Русија е среќна што Бабченко е жив, и додала дека исценираната смрт била направена со цел да се постигне „пропагандистичка цел“.

На прес конференцијата, Бабченко се извини до сите кои ја оплакувале неговата смрт. Посебно извинување Бабченко и упати на својата сопруга, која очигледно не била запознаена со операцијата.

„Прости ми Олечка, ужасно ми е жал“, ќе и се обрати новинарот на сопругата, додавајќи дека немал друга опција.

Бабченко е познат критичар на режимот на Путин, и како воен дописник силно ги осудува руските политики и воени акции во Сирија и Украина. Минатата година побегна од Русија откако доби голем број на смртни закани.

„Тие што се надеваа на мојата смрт ќе мора да почекаат“, ќе заклучи новинарот.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ