
Уапсен поранешниот француски претседател Никола Саркози
Француската полиција денеска го приведе на распит поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози во рамки на истрагата за илегално финансирање на неговата предизборна кампања.
Истрагата се води околу сомнежите дека за време на претседателските избори во Франција во 2007 година, кампањата на Саркози била илегално финансирана од Либија.
Обвинителството се сомнева дека Саркози примил дури 50 милиони евра во донации од тогашниот режим на Моамер Гадафи и францускиот бизнисмен со либанско потекло Заид Такиедин. Донациите беа потврдени и од синот на Гадафи, Саиф ал Ислам, во интервју за Еуроњуз во март 2011 година. Помладиот Гадафи преку европскиот информативен сервис тогаш тврдеше дека тие поседуваат докази за донациите и побара Саркози да ги врати парите.
Бизнисменот со либанско потекло Такиедин тврди дека во текот на 2006-та и 2007-та му предал три актовки полни со пари на соработникот на Саркози, Клод Геан кој подоцна беше назначен за Генерален секретар на Елисејската палата.
Распитот на Саркози се спроведува неколку недели откако во врска со истата истрага во Лондон беше уапсен неговиот поранешен соработник Александар Џури. Џури подоцна беше ослободен со кауција.
Саркози беше претседател на Франција од 2007-та до 2012-та, кога повторно се кандидираше на претседателските избори но беше поразен од Франсоа Оланд. Саркози се обиде да се кандидира и на минатогодишните претседателски избори, но не успеа да ја добие подршката од Републиканската партија, која го кандидираше Франсоа Фијон.
Игор Трајков