
Уапсен градоначалникот на Будва
Во полициска опсада на Будва, со свиткани раце и лисици полициски специјалци ги вадеа од општинската зграда сменетиот градоначалник Марко Царевиќ, неговиот брат, претседателот на советот и уште петмина соработници утрово, откако не дозволуваа заедно со група поддржувачи во општината да влезат управните инспектори.
Први стасале општинските функционери, а потоа и граѓаните и поддржувачите, последната пристигнала полицијата со десетина комбиња.
Веднаш распоредиле кордони околу општината, ги блокирале улиците, а градот целосно го блокирале. Полицијата се обидувала во зградата на општината да ги спроведе членовите на управната инспекција за да ја одземат документацијата на општината.
Инспекторите биле
пречекани пред влезот во Општината од страна на смениот градоначалник Царевиќ и претседателот на советот Радовиќ, кои тоа не го дозволиле.
Вчера Управната инспекција на Министерството за јавна администрација донела решение со кое наложува новото мнозинство да има пристап до Општината и нејзините документи.
На 11 јуни новото мнозинство во Општинското собрание на Будва успеа да ги смени Царевиќ и Радовиќ, на чија смена и претходеа доста инциденти.
Царевиќ и Радовиќ не ги признаваат тие одлуки и тврдат дека се незаконски и не дозволуваат новоизбраните службеници да влезат во зградата на Општината, ниту да имаат пристап до општинските документи.
До политичката криза во Будва дојде откако советникот Стеван Џаковиќ, кој беше на списокот на Демократскиот фронт, одлучи да ја поддржи опозицијата, која во таа општина ја сочинуваат Демократската партија на социјалистите и Црногорската партија.
Отпуштеното раководство тврди дека станува збор за политичка корупција.
Павле Беловски