Турција во карантин за Рамазан Бајрам

Турција ќе биде во четиридневен карантин од 23 до 26 мај, што ќе го опфати и големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Ова е одлуката на претседателот Ердоган, а целта е да се спречи ширењето на коронавирусот. Па така, џамиите за верски служби повторно ќе бидат отворени на 29 мај.

„Турција успешно ја добива борбата со епидемијата“, изјави Ердоган, порачувајќи дека може да се воведат и построги мерки ако има нов голем бран на зараза. Со повеќе од 150 илјади заразени, и речиси 4.200-те починати, Турција пред една недела се одлучи да го отвори трговските центри, како и малите бизниси, но со строги мерки на однесување и протокол за купување. Голем дел од младите сметаат дека земјата пребрзо ги олабавува мерките, па затоа одлуката за 4 дневниот карантин за време на големиот празник, нема да им пречи.

  • Мислам дека намалување на рестрикциите е малку избрзано. Пред повторно отворање треба се да биде под контрола. Не мислам дека отворањето на моловите или пуштањето на луѓето слободно да шетаат во одредено време во денот или „нормализацијата“ ќе биде многу ефикасно.

Но, ограничувањата за патување низ 15-те турски провинции се продолжени уште две недели. Децата сепак нема да одат на училиште до септември, а карантинот за време на викендите останува.

Уште на почетокот на рамазанскиот пост, муслиманските земји најавија дека овогодишниот Рамазан Бајрам ќе биде поинаков. Но, за да се спасат човечките животи , верниците се согласуваат да се почитуваат препораките.

  • За да се спасат човечките животи и човештвото, во овие критични моменти, мора да се даде приоритет на индивидуалноста. Мора да останеме дома и да се молиме во домашни услови. Не можеме да излеземе надвор за молитвите и тоа годинава е најголемата разлика. Нашиот Пророк, ни даде упатства за вакви ситуации, и мора да го следиме.

За муслиманите, ова е месец на социјално дружење со семејствата и пријателите, но во време на пандемија, ова е голем проблем, и сериозно е забрането за да се спречи ширењето на корона вирусот. Низ многу земји, џамиите останаа необично тивки, а имамите најдоа начин, со снимки од сопствените телефони, да им ги пренесат пораките на верниците. Аџилакот во Мека е невозможен, бидејќи и Саудиска Арабија, за првпат во историјата го затвори ова свето место.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ