Турција го осуди холандското признавање на „ерменскиот геноцид“

Турското Министерство за надворешни работи го осуди холандското признавање на геноцидот над Ерменците кој се случи пред сто години.

– Жестоко ја осудуваме одлуката на Долниот дом на холандскиот Парламент што настаните од 1915 година ги призна како геноцид, се посочува во соопштението на турското МНР.

Холандскиот Парламент вчера со големо мнозинство усвои Резолуција со која се признава „ермескиот геноцид“ во Османлиската Империја, постапка која се очекува да предизвика подгревање на тензиите во односите помеѓу Хаг и Анкара.

Долниот дом на Парламентот со 142 гласа „за“ и три „против“ го усвои документот во кој масовните убиства на Ерменците во Османлиската Империја за време на Првата светска војна се оквалификуваат како геноцид.

Освен тоа, Парламентот одлучи да испрати претставник на Холандија во Ереван на 24 април, кога ќе се одржи комеморација за жртвите од масовните убиства над ерменскиот народ во 1915 година.

Досега околку десетина други држави од ЕУ донесоа слични резолуции.

Турција негира дека убиствата на Ерменците биле геноцид.

Според историските податоци за време на Првата светска војна во Османлиската Империја биле убиени околу 1,5 милиони Ерменци. Многу научници сметаат дека тоа е првиот геноцид во дваесеттиот век.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ