Турција ги повика силите на сириските Курди во Африн да се предадат

Армијата на Турција денеска расфрла летоци во северниот дел на реонот на сирискиот град Африн, со кои се повикуваат припадниците на Силите за заштита на народот на сириските Курди да им се предадат на турските војници.

– Турските Вооружени сили дојдоа во Африн за да донесат мир, спокојство и сигурност, се истакнува во летоците.

Во текстот напишан на арапски и на курдски јазик, им се порачува на борците на сириските Курди дека треба да „имаат доверба во турското правосудство“.

– Имајте доверба во раката што ви ја подаваме. Имајте доверба во турското правосудство. Имајте доверба во турските Вооружени сили. Дојдете и предадете се. Во Африн во чека иднина исполнета со спокојство и мир, се наведува во летоците.

Повикот на Анкара, следи откако претходно денеска претставник на Силите за заштита на народот, под чија контрола е Африн, соопшти дека турската армија извршила жесток артилериски напад врз градот, при што загинале најмалку 18 лица.

Според него, во исто време, припадници на турската армија и борци на сириските бунтовнички групи, кои ја имаат поддршката на Анкара, се обедуваат да навлезат во градот.

Изминативе денови турски официјални претставници во неколку наврати најавуваа дека Армијата на Турција и нејзините сојузници наскоро ќе го освојат Африн, откако претходно целосно го опколија градот.

Турската армија заедно со сојузничките сириски бунтовнички групи на 20 јануари почна воена операција против Силите за заштита на народот во реонот на Африн. Цел на операцијата, нарчена „Маслиново гранче“, според Анкара е потиснување на борците на Силите за заштита на народот од реоните долж сириската граница кон Турција.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК), која од 90-те години на минатиот век се бори за автономија на Курдите во Турција. ПКК се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ