Турските сили гранатираа позиции на Курдите во Сирија

Турската армија денеска одново ги гранатираше позициите на припадниците на Силите за заштита на народот на сириските Курди во реонот на Африн во северна Сирија.

Тоа е втор турски артилерски напад врз борците на сириските Курди во Африн, откако тие и вчера беа цел на Вооружените сили на Турција.

Вчерашното гранатирање уследи набрзо откако турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се закани со уништување на силите на сириските Курди.

– Доколку терористите во Африн не се предадат, Турција ќе ги уништи за една недела, изјави вчера Ердоган на собир во турскиот округ Елјазаг.

По ваквите закани турската армија упати дополнителни сили, вклучителчно и тенкови, во реонот долж границата на Турција со Сирија, како засилување на војниците кои веќе се распоредени на тоа подрачје.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која се наоѓа на листите на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Силите за заштита на народот се дел од антиџахдистичката коалиција во Сирија, која има поддршка на САД, но Турција одбива соработка со нив и изминативе месеци во неколку наврати се закануваше со воена операција против борците на сириските Курди.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ