Турската полиција ќе спроведе претрес во саудискиот конзулат во Истанбул

Турските власти ќе спроведат претрес на саудискиот конзулат во Истанбул, по исчезнувањето на саудискиот новинар и писател Џамал Кашоги. Саудијците тврдат дека Кашоги ја напуштил зградата, но турските власти отворено се сомневаат дека тој бил убиен во конзулатот а неговото тело, тајно изнесено од објектот. Весникот „Вашингтон пост“, за кого работеше Кашоги, објави фотографија на која се гледа како тој влегува во саудискиот Конзулат во Истанбул пред една недела, по што му се губи секоја трага. Американскиот весник тврди дека фотографијата, со печат и датум, им била доставена од „лице блиско до истрагата“.

„Имаме многу повеќе непознати отколку познати. Тоа што го знаеме е дека тој влегол во саудискиот конзулат во Истанбул. Минатиот вторник во 1 и 30. И од тогаш не е виден“, изјави Фред Хијат, уредник во Вашингтон пост.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ја повика владата на Саудиска Арабија да ја поддржи „темелната истрага“ за саудискиот новинар и транспарентно да ги објави резултатите од истрагата. Кон ставот на Помпео се приклучи и Европската унија.

„Во врска со ова 100 проценти се согласувам со тоа што го изјави секретарот Помпео, пред неколку часа. Целосно сме во согласност со американската позиција. Очекуваме темелна истрага и целосна транспарентност од саудиските власти за тоа што се случило“, изјави високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

Исчезнувањето на саудискиот новинар, кое се повеќе наликува на убиство, е последното во низата убиства на новинари во Европа. Во саботата во северна Бугарија беше силувана и убиена Викторија Маринова, уредничка на локална телевизија која истражувала проневери со европските фондови. Истражувајќи слични приказни животот го загубија и словачкиот новинар Јан Куцијак во февруари годинава и малтешката блогерка Дафне Галиција во октомври минатата година.

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш синоќа апелираше владите да гарантираат дека напаѓачите на новинари ќе бидат откриени и казнети.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ