Црниот биланс расте во Италија и Шпанија, Швеѓаните на прошетка

Претседателот на САД, Доналд Трамп трпи силни критики за одлуката дека нема потреба Њујорк да биде ставен во карантин, каде има повеќе од 52.000 заразени од Ковид 19. А гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо затворањето го нарече „смртоносно и антиамериканско“. Трамп денеска на твитер објаснува- таква била препораката на работната група на Белата куќа, а понатаму ситуацијата ќе се следи во консултации со гувернерите на како на Њујорк, така и на Њу Џерси и Конектикат, каде на сила се мерките за забрана на собири и препораката- останете дома. Со повеќе од 123.000 луѓе заразени со Ковид-19, САД се први во светот, а бројот на смртни случаи изнесува 2.200. Влијателните весници со опомена дека „Стапката на смртност ќе се зголемува, а луѓето ќе се шокираат”, болниците се пренатрупани, стуацијата се нарекува „апокалиптична“.

Во истовреме полека во нормала се враќа животот во поранешното жариште на коронавирусот. После два месеци метрото и возот во 11 милионскиот Вухан се повторно во погон. Патниците задолжително ги скенираат здравствените кодови пред влез во станиците, а во возот седат на растојание едни од други.

Во глобалната пандемија од коронавирус заболеа 670.000 луѓе, а починаа 31.000 ширум светот, економиите се во колапс, милиони луѓе живеат во карантин, а здравствените работници се обидуваат да го запрат вирусот кој се шири надвор од рамките на здравствената заштита.

Црниот билант на Европскиот континет доаѓа од Италија и од Шпанија каде има по повеќе од 800 починати за едно деноноќие.

Но, сликата е поинаква кај скандинавските земји. По долгата и темна зима, коронавирусот не ги задржува Швеѓаните дома. Либералните владини мерки им овозможуваат на луѓето да уживаат надвор. Владата реши да им верува дека го почитуваат социјалното дистанцирање, а постарите од 70 години да се самоизолираат. Десетмилионската Шведска има повеќе од 3.000 потврдени случаи и над сто мртви.

„Па, морам да кажам дека, според мое мислење, Шведска многу добро се справува со кризата. И делумно е затоа што не мислам дека би можела да издржам да бидам внатре цел ден. Значи, јас сум многу среќен што можеме да бидеме надвор“, вели 28-годишната Викторија Холмгрен.

„Да, се зголемува загриженоста, би рекол, во научната заедница има проценки за начинот на кој што шведската влада помина низ оваа епидемија и посебно затоа што навистина постои недостаток на научни докази за овие политики“, оценува Проф. Стен Линарсон, научник.

Унгарскиот парламент се очекува утре да донесе закон што ќе и даде на владата на премиерот Виктор Орбан да носи закони по своја волја, вклучително и уставни измени, без гласови од опозицијата. Силни критики и спротивставувања пристигнаа од граѓанските асоцијации и европските институции. Особно поради новиот член во кривичниот законик, кој предвидува петгодини затвор за оние кои шират лажни вести за пандемијата. Клаузула која би можела да биде дополнителна стега за независните медиуми.

Со овој закон владата ќе има бланко контрола на се, која ги исклучува уставните гаранции за контрола од страна на парламентот. Тоа е најголемиот проблем, рече Мате Забо, Унија за граѓански слободи – Унгарија.

Секој се потпира на фантазија во долгите часови поминати во карантин. Овој татко од Канада ја однесе својата керќа на кампување во нивниот дом. Импровизираниот камп и лажниот оган беа доволна инспирација за гитарски сет.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ